1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ќе се стимулираат детските образовни програми? Со лесно нека е!

Детските образовни програми на домашните телевизии се вид во исчезнување. Државата смета дека радиодифузерите ќе ја препознаат потребата за создавање нови непрофитабилни програми.

Миро има 6 години и ученик е во прво одделение во основно училиште во Скопје. Негови херои се Дора „истражувач“ и Диего „спасувач“. Го интересираат животните, вселената, животната средина. Јунаците со кои растат тој и неговите врсници-Бен Тен или Скајлендер, се сосема поинакви од оние на неговата мајка Александра.

„Мојата генерација растеше со „Бранко коцкичка“, „Шарам барам“, „Бушавата азбука“, „Црвено, жолто зелено“, „Дајте музика“.Тие беа пред сè едукативни и забавни. Но, и сериите „Булки крај шините“,„Волшебното самарче“, Втора смена“. Имавме побогата и подобра понуда на детска програма. Јас не гледам турски серии, така што моите деца не се ни свесни дека тие постојат. Во недостиг на наша продукција, гледаме странска програма“, вели мајката на Миро.

Петнаесетгодишната Ирена, средношколка од Скопје ги следи турските серии на домашните телевизии. „Ми недостигаат образовни програми, а сакам да гледам и документарци посветени на животинскиот свет и емисии посветени на училиштето“, вели таа.

Истражување: Образовните програми се со незадоволителен квалитет

Над 80% од граѓаните сметаат дека квалитетот на образовната програма не е на задоволително ниво, а 24,7 % велат дека има премногу серии на домашните телевизии-покажа последното истражување од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Континуираното гаснење на некогашната богата детска ТВ продукција е последица на промените во медиумскиот контекст, незаинтересираноста на телевизиите, но и немањето стратегија, смета Татјана Гогоска, магистер по комуникации, автор на многу телевизиски серии и програми за деца и млади, директор на КАТ продукција.

„Образовни емисии речиси и да нема. Не навлегувам во квалитетот. Но, за квалитетна ТВ продукција за деца и млади, пред сè треба да се има визија, да се познаваат сите сегменти кои ги бара детската и млада популација. Изумирањето на оваа продукција се случи некаде по 2002. година. Во тоа време бев уредник на програмата за деца во МТВ и веќе започна да се намалува продукцијата, а со тоа се создаде простор за хиперпродукција со многу низок квалитет во приватните телевизии. Една цела деценија не се создаваа кадри во таа сфера. Програмата за деца и млади беше една од водечките во тоа време и се вложуваше во неа, работеа докажани автори. Добро е барем што се донесе законот со кој се забранува директно рекламирање во детските програми, но потоа- ништо се случуваше“, вели Гогоска за ДВ.

И во градинките се гледаат турски серии?

Денешните деца растат со видео игрите и социјалните мрежи, но и со турските и индиски теленовели. Најсилниот психолошки механизам со кој се објаснува популарноста на овој профитабилен бизнис е идентификацијата.

„Оваа состојба предолго трае. Кога децата немаат позитивен модел на идентификација, тие се идентификуваат со нешто туѓо, како и во турските серии. Имаме можеби три изгубени генерации кои немаат позитивни ликови за идентификација во домашната продукција. Мило ми е кога воспитувачките и децата (во рамките на еден проект-мониторинг во градинките) гледаа ’Умни глави’ и ’Во светот на бајките’, наместо турски серии. Но, од друга страна, ништо ново не им се нуди на децата“, вели таа и смета дека клучната улога треба да ја одигра Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Постојат незаинтересираност, незнаење и ако се види дека нешто е непрофитабилно, тука завршува целата приказна! Нема стратегија.ТВ продукциите гледаат да направат нешто што ќе им донесе средства од спонзорите. Советот за радиодифузија е незаинтересиран за тоа што се случува. Сметам дека треба да се формира тело, во рамките на Советот, за заштита на децата од негативното влијание на медиумите, кое би било надзорно, извршно и советодавно, за да ги поттикне државната и приватните телевизии да создаваат програма за деца“, предлага Гогоска.

Децата имаат поинаква перцепција, а бабите и дедовците- Фејсбук!

Во тек е дигитализацијата на сериите од богатата архива на Македонската радио телевизија, најавена минатата година- „Бушавата азбука“, „Дајте музика“, „Умни глави“, „Големи и мали“ и др. „Тие имаат архивско-музејска вредност, но денес имаме и нови медиуми“, вели Анета Андонова, уредник на образовната програма во МТВ.

„Ние ги следиме образовните процеси, така што децата за училиштето учат преку приказни. Од нашата нова продукција се емисиите ’Бон- тон за деца’, ’Лексикомани’, зад кои стојат домашни сценаристи. Или ’Си било еднаш’... Она што денес е променето во споредба со времињата кога се создаваше на пример ’Бушавата азбука’ се начинот и формата. Но, не и содржината. Променета е и перцепцијата кај децата, па и емисиите се со пократка форма. Ние не правиме програма за возрасни кои сакаат да го зачуваат детето во себе, туку за денешните деца. Освен тоа, денес бабите и дедовците (кои во приказните некогаш имаа бела брада), имаат интернет и Фејсбук! Инаку, образовната програма го запазува, па и го надминува процентот на домашна продукција што е обврзана да ја создаде. Во 2014. планираме нова детска играна серија, детско шоу и засилување на научната програма“, вели Андонова за ДВ.

Ќе се препознае ли потребата за нови детски програми?

Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги што стапи во сила со почетокот на годинава, треба да ги стимулира радиодифузерите да ја „препознаат потребата за емитување програма за сите сегменти на публиката и дека во рамките на овие квоти ќе вклучат квалитетни, жанровски разновидни програми за деца“, вели Драгица Љубевска од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, радиодифузерите имаат обврска да емитуваат одреден процент на изворно создадена програма и тоа- комерцијалните радиодифузери 30% во 2014г, 40% во 2015, 50% во 2016 година, додека јавниот сервис треба да емитува по 10% повеќе од нив. За националните радиодифузери има обврска за емитување одреден број часови домашна и играна програма, на годишно ниво. За да се стимулира создавањето квалитетна домашна програма, радиодифузерите имаат право на надоместок за покривање на трошоците во висина од 50%. Овие средства ќе се исплаќаат од Буџетот на Република Македонија, а аудиовизуелните дела ќе се сметаат за програми од јавен интерес“, изјави Љубевска за ДВ.