Ќе се сопнат ли САД на буџетот? | Свет | DW | 21.12.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ќе се сопнат ли САД на буџетот?

Досега во спорот околу буџетот фронтовите беа јасни: републиканците против претседателот Обама. Но, сега ескалира кавга во опозицијата. Нејзиниот портпарол Џон Бенер е избламиран, а на САД им се заканува рецесија.

Неколку дена пред истекот на рокот за донесување на буџетот, во спорот околу него во САД нема решение на повидок.

Преговорите за буџетот и даноците синоќа претрпеа нов голем удар, откако групата на Републиканската партија во Конгресот се подели при обидот да гласаат за нивниот сопствен предлог, со кој сакаа да настапат во преговорите со претседателот Барак Обама.

Спикерот Џон Бенер, кој ги предводи републиканците во Конгресот, може дури и да ја напушти функцијата откако не успеа да ги собере ниту своите конгресмени за поддршка на предлогот што го најави како „План Б“ во преговорите со Обама. Планот предвидуваше зголемување на даноците само за Американците кои заработуваат повеќе од милион долари годишно, далеку над барањето на претседателот Обама, даноците да пораснат за сите што заработиле над 250.000 долари во текот на годината.

John Boehner Sprecher der Republikaner USA Dezember 2012

Џон Бенер ги повикал конгресмените сите заедно да се помолат на Господ

Но, и овој предлог предизвика сериозни поделби при обидот на Бенер да го протурка низ Претставничкиот дом на Конгресот, во кој републиканците имаат убедливо мнозинство. Спикерот, соочен со неуспех, ги повикал конгресмените сите заедно да се помолат на Господ, по што раководството на републиканците драматично го напушти Капитолот без да закаже нов обид за гласање.

Двете партии во САД имаат рок до крајот на годинава да се договорат за судбината на даночните олеснувања на претседателот Џорџ Буш помладиот, кои истекуваат на 1 јануари. Доколку тоа се случи, економистите стравуваат дека американската економија ќе претрпи тежок удар, или како што го нарекуваат – фискална бездна, иако и сегашната неизвесност лошо се одразува на економијата.

Бенер со денови е соочен со бунт на најдесно ориентираните конгресмени во неговата група, од таканаречното „Ти парти“ крило, кои сметаат дека нивниот водач е премногу попустлив во преговорите со Обама и дека прифатил покачување на даноците. „Ти парти“ конгресмените, поддржани од десноориентираните медиуми, бараат буџетот да се балансира со намалување на социјалните расходи, пензиските и здравствените трошоци, а не преку зголемување на даноците.

Но, ниту демократите со контролата во Белата куќа и во Сенатот, ниту републиканците со нивното мнозинство во Претставничкиот дом, не можат самите да донесат одлука за буџетот.

Состојбата се заканува дури да предизвика враќање на блокадата на сојузната влада од 1995. и 1996. година, кога еден месец илјадници владини институции запреа со работа и беа прекинати исплатите на социјалните програми. Берзите вчера забележаа голем пад на вредноста на акциите, непосредно по веста дека републиканците не успеале да постигнат договор меѓу себе.