1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ќе се отворат ли вратите на Прохор Пчињски?

Дали на Македонија годинава ќе и биде дозволена прослава на АСНОМ во манастирот Прохор Пчињски? Претставници на МПЦ се оптимисти, додека црковните аналитичари и властите се воздржани по ова прашање.

default

МПЦ

Дилема која во последните години редовно ја донесува крајот на јули е дали Македонија ќе може да го прослави АСНОМ на местото на настанот, во манастирот Прохор Пчињски. Одговорот го има Српската православна црква односно Врањанската епархија во чија надлежност е манастирот, во кој на втори август 1944-та година беа удрени темелите на современата македонска држава.

Во Македонската православна црвка се оптимисти дека по неколку годишна пауза на државната делегација од Македонија ќе и биде дозволен влез во манастирот. Оптимизмот го темелат на извесното затоплување на односите со Српската црква. Портпаролот на Светиот Архиерејски Синод, Владиката Тимотеј за Дојче веле изјави.

„Мислам дека е возможно, бидејќи МПЦ и СПЦ имаат извесно олабавување во релациите, така што влезот во Прохор Пчињски не е невозможен“.

Воздржаност кај македонските власти и црковните аналитичари

Но, оптимизмот на портпаролот на црквата не го делат и црковните аналитичари. Дури и некои Владици се песимисти. Прогнозираат дека и годинава Македонците ќе бидат непожелни во српскиот манастир. Сите реквизити се однесени од спомен собата, плочата е отстранета, а до празникот останува малку време. Воздржани се и македонските државни власти. Решени се да не се обидуваат да појдат таму се додека СПЦ не ги отвори ширум вратите од манастирот за гостите од Македонија. Владиниот портпарол Мартин Мартиновски за Дојче веле изјави дека официјално Скопје нема поднесено барање до српските власти да се одобри чествувањето на 65 годишнината од АСНОМ на српска територија. Во 2007 година Владата оцени дека е недостоинствено секоја година да се моли за влез во манастирот, а српските попови да го условуваат тоа.

Сега премиерите на двете земји од Белград порачаа дека меѓусебните односи се одлични и дека единствено отворено прашање е црковното. Но, се оградија од надлежност во врска со прославата на АСНОМ во Прохор Пчински. Ги охрабрија двете цркви да трагаат по решение што ќе овозможи достоинствен третман на историјата.

Како алтернатива за историското место Македонија од пред неколку години го име Пелинце, во ова село на неколку километри до српската граница е изграден меморијален центар, во кој од 2003-та година се одбележува АСНОМ.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска