1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ќе се одржи ли спорниот референдум во Египет?

Во кризниот Египет се појавија првични навестувања дека референдумот за новиот предлог- устав закажан за 15 декември сепак би можело да биде одложен.

Иако потпретседателот на Египет, Махмуд Меки во неговата вчерашна изјава истакна дека спорниот референдум во Египет ќе се одржи во планираниот термин на 15 декември, сепак навести дека во случај на „поинаков договор“ тоа би можело да се промени.

Според Меки, претседателот на Египет Мохамед Мурси е подготвен да го одложи референдумот за новиот устав на земјата, но само ако бидат исполнети некои услови.

Претседателот може да се согласи да го одложи референдумот, под услов на оваа одлука да и биде даден имунитет од судски постапки истакна Меки додавајќи дека според уставната декларација донесена од претседателот проектот на основниот закон треба да биде ставен на референдумско гласање најдоцна 15 дена по потпишувањето.

Египетскиот потпретседател изјави дека, меѓу другото, претседателот бара опозицијата, која се залага за одложување на референдумот, да не го обвини за кршење на декларацијата.

Освен тоа претседателот на Централната изборна комисија, Имал Хамди соопшти дека Египќаните кои живеат во странство, нема, како што претходно беше планирано, да го дадат својот глас на референдумот во сабота, туку дури од наредната среда - 12 декември.

Одбиена понудата за диалог

Претседателот на Египет Мохамед Мурси и упати понуда за разговори на опозицијата, која меѓутоа веднаш ја отфрли. Опозициските групи бараат откажување на референдумот.

И во текот на вчерашниот ден десетици илијади приврзеници на опозицијата од либералните и секуларните партии демонстрираа во Каиро. Тие ги отстрануваа барикадите и се качуваа на тенковите, кои се распоредени пред претседателската палата во функција на нејзина заштита.

На улиците во Каиро денеска е мирно, а поголем број демонстранти спиеја во шатори пред претседателската палата или во блиската џамија. Војниците и натаму се на барикадите околу палатата.

Немирите во Египет почнаа на 22 ноември откако претседателот Мурси со указ си ги прошири своите ингеренции, а парламентот, каде мнозинство се исламистите, минатата недела го изгласа уставот, на кој се спротиставуваат либералите и христијаните, стравувајќи дека Египет ќе стане исламистичка држава.