1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ќе се „изгори“ ли и Обама?

На здравствениот систем во САД досега веќе се „изгореа“ повеќемина врвни политичари. Сега, претседателот Барак Обама се зафати со предизвикот за реформа на овој сектор. Критиките за неговиот предлог се жестоки.

default

Барак Обама

Претседателот на САД, Барак Обама, ќе мора да ја употреби сета своја сила во борбата за реформа на здравствениот систем во неговата земја. Затоа, тој наместо преку медиумите, одлучи да им се обраќа непосредно на граѓаните.

Обама тргна во контраофанзива за здравствените реформи

Салата на средното училиште во градот Портсмут во Њу Хемпшир, во која се собраа околу две илјади луѓе, наводно ја одбра случајно. Аплаузите беа долги.Дали ги доби поради неговата „аура“, поради аргументите или можеби затоа што салата ја наполнија негови приврзаници, останува отворено. Критичарите со плакати главно

Thema Gesundheitsreform in den USA

останаа надвор. По настапот на Обама за оваа тема спореа републиканците и демократите. Но, во секој случај расправата беше далеку поцивилизирана и помалку агресивна од оние што се случуваа на средбите со граѓаните на конгресмените од Демократската партија, посветени на здравствената реформа. Токму затоа, американскиот претседател на почетокот свесно побара: „Се надевам дека ќе разговараме едни со други, а не едни против други“ , изјави Обама и потоа ги наведе најважните реформи на американскиот здравствен систем: „Кога реформите ќе бидат спроведени, осигурителните куќи веќе нема да можат да одбијат да му дадат осигурување на некого поради неговиот здравствен картон и нема да можат да ви го одземат осигурувањето, ако се разболите.“

Истовремено, Обама ја искористи можноста да ги побие гласините кои кружат за реформскиот пакет. Пациентите и натаму ќе можат слободно да избираат кај кој лекар ќе одат, а секој кој е задоволен со сегашното осигурување ќе може да го задржи, рече американскиот претседател, постојано прекинуван од аплаузи.

46 милиони Американци без здравствено осигурување

Еден од оние кои потоа поставуваа прашања, меѓутоа, започна во ироничен стил:

„Јас сум републиканец и не знам зошто сум овде.“

„Не` радува што си овде“, возврати добро расположениот Обама.

Proteste gegen Gesundheitssystem USA

Противниците на реформата се на улица секој ден

Тој, меѓутоа, призна дека здравствената реформа во САД, каде во моментов 46 милиони луѓе живеат без здравствено осигурување, нема да биде бесплатна. Обама нагласи дека тоа ќе чини 100 милијарди долари годишно. Две третини од овие средства може да се обезбедат преку заштеди, кои ќе се направат со подобрување на ефикасноста, изјави Обама. Остатокот, гласи неговиот предлог, би морал да биде финансиран од оние кои заработуваат повеќе од 250 илјади долари годишно.
Да не се преземе ништо не е алтернатива зашто во таков случај четиринаесет илјади луѓе и натаму дневно ќе го губат своето здравствено осигурување, порача американскиот претседател. Токму затоа, тој ги замоли Американците да му дадат поддршка за неговите реформи на здравствениот систем: „Ние сме поблиску до реформа, од кога и да е претходно.“

Со овој настап и сличните на него што ќе следуваат, Обама поставува противтежа на жестоките критики за здравствената реформа. Дали тој ќе може да ги убеди и противниците во исправноста на реформата, ќе покажат дискусиите во наредните недели.

Автор: Ридигер Пауелерт / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска