1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ќе преживее ли чавизмот без Чавез?

Ќе настапи ли навистина нова ера во Венецуела по смртта на Хуго Чавез? Познавачите на состојбите во јужноамериканската земја сметаат дека „чавизмот“ ќе продолжи да функционира и без Чавез.

Три месеци медиумите и опозицијата шпекулираа дали Уго Чавез се’ уште е жив. Во вторникот вечерта Николас Мадуро, потпретседател на Венецуела и посочен наследник на Чавез, ја потврди смртта на шефот на венецуелската држава. Сега Мадуро во рок од 30 дена треба да распише нови избори.

Дека ќе има нови избори, не се сомнева речиси никој. „Изборите ќе се одржат многу бргу, за да може владата во своја полза да го искористи сјајот на личноста на Уго Чавез“, смета политикологот Лесли Венер од институтот Гига од Хамбург. И неговиот колега Штефан Ринк од Слободниот универзитет во Берлин истакнува: „Латиноамериканските држави припаѓаат кон најстарите републикански системи во светот. И покрај сите диктататорски меѓуигри за секоја влада е неопходно и важно да добие демократски легитимитет“.

Но токму ваквиот легитимитет на владата во Каракас не и‘ го признава поранешниот полковник на армијата на Венецуела, Колина: „Актуелниот режим, предводен од Николас Мадуро, никогаш нема положено заклетва. Затоа изборите кои ќе ги организира овој режим се сами по себе нелегитимни“. Покрај тоа Колина, за кого во Венецуела има терористичка потерница, стравува дека изборите нема да бидат фер.

Уште на претходното гласање имаше бројни прекршувања на демократските принципи: почнувајќи од злоупотребата на државни сретства и на медиумите, па се‘ до заплашување на гласачите, обвинува Хозе Колина. Германските политички фондации ги потврдуваат ваквите обвинувања.

Колина, кој е претседател на организацијата „Политички прогонувани Венецуелци во егзил“, со седиште во Мајами, неколку часови пред објавувањето на смртта на Чавез за ДВ изјави: „Веќе три месеца не се појавува во јавноста, мислам дека одамна е мртов“. Колина обвинува дека Чавезовата „Обединета социјалистичка партија на Венецуела“ (ПСУВ) сакала да добие во време за да се подготви за нови избори.

Опозицијата речиси без шанса

Согласно тоа, Колина смета дека ПСУВ и без својот идол ќе ги добие претстојните избори во Венецуела. И политикологот од Берлин, Ринк, верува дека „чавизмот“ може без проблеми да функционира и без Чавез. За таа цел меѓутоа мора да се утврди нова централна фигура. Исто мисли и Колина: „Дали им се допаѓа или не, тие знаат дека мораат да се согласат за еден кандидат, или во спротивно ќе ги загубат изборите“, вели Колина.

Истото, меѓутоа. важи и за разединетатата опозиција. Нејзината единствена шанса. исто како на изборите на крајот од минатата година. е во тоа да назначи единствен кандидат, а истовремено владејачката партија да се загуби во спорот околу наследникот на Чавез. Тоа меѓутоа засега изгледа малку веројатно.

Чавизам без Чавез

Zum Tod von Hugo Chavez Venezuela SW

Николас Мадуро

За да ја спречи борбата за моќ во сопствената партија „Команданте“ Уго Чавез веќе го назначи посакуваниот наследник, неколку недели пред неговата смрт. Неговите приврзеници ги замоли, во случај на негова смрт, да го изберат Николас Мадуро за лидер на „боливарската револуција“.

„Тоа има голема тежина“, вели политикологот од Хамбург, Венер. „Иако Мадуро не поседува голема харизма како неговиот ментор, сепак овој поранешен возач на автобус и синдикалец има вистински профил. Згора на тоа, се докажа како лојален и способен на функцијата министер за надворешни работи“, истакнува Венер.

Едно нешто би можело уште да му стои на патот на Николас Мадуро. Имено како в.д. претседател тој треба да ги организира изборите, а со тоа не смее да настапи како кандидат. Меѓутоа нема сомнеж да ќе биде изнајдено решение и за оваа ситуација, смета експертот за Венецуела Ринк: „Кога станува збор за интерпретацијата на уставот, Чавез и неговите приврзеници веќе покажаа дека се вистински иновативни. Значи, во нужда Мадуро би можел краткорочно да му ја предаде функцијата на некој сопартиец“, заклучува Ринк.