1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ќе предизвикаат ли светска рецесија настаните во Јапонија?

Настани како терористичките напади од 11 септември, или финансиската криза со пропаѓањето на банката „Лиман брадерс“ имаа влијание врз целокупното светско стопанство. Ќе се повтори ли тоа и по катастрофата во Јапонија?

default

Непосредно по земјотресот и цунамито најголемиот дел од овдешните економисти сметаа дека тоа ќе предизвика прекин на целиот синџир на производството и создавањето нова вредност, како и пад на потрошувачката. Но, сето тоа би било компензирано веќе по три месеци во процесот на обнова. Светското и германското стопанство би поминале само со модринка.

Но, по експлозиите во атомската централа Фукушима и со опасноста од ширење на радиоактивноста во другите делови на земјата, во меѓувреме проценките на економистите станаа попретпазливи. Така, Јирген Матес од Институтот за германскто стопанство од Келн укажува на опасноста од прекин на испораките ако производството во Јапонија биде прекинато за подолго време:

„Јапонија е важен светски лиферант на електронски составни делови и многу држави зависат од тие делови. За тоа не ќе може толку бргу да биде најдена замена. Тоа секако је погодува и германската електротехничка индустрија, а можеби и машиноградбата“.

Домино ефекти?

Но, според Матес, многу посилно би била погодена Кина, оти Јапонија таму извезува 20 проценти од своето производство, што делумно натамошно се преработува и од Кина се продава во целиот свет. Тие негативни ефекти ја погодуваат Кина во неповолен момент, вели Андреас Реес, главен акономист на банката „УниКредит“:

„Веќе забележавме одредено забавување на економијата, посебно поради порастот на цените на прехранбените средства. Кинеската централна банка во меѓувреме чувствително ги покачи каматите, покачени се и стапките за минимумот резерви како и квотите за кредити. Згора на се’, доаѓа и катастрофата во Јапонија. Затоа сметам дека Кина секако е клучот за реалната економија“.

Влијанијата врз реалната економија се конкретни, а психолошките ефекти можат само да се почувствуваат. Ужасните телевизиски слики од Јапонија го помрачуват расположението кај претпријатијата и потрошувачите во светот. Тој ефект може веднаш да се одрази и врз реалната економија ако претпријатијата ги запрат инввестициите, а потрошувачите станат воздржани. Сличен ефект врз реалната економија можат да имаат и осцилациите на берзите и на финансиските пазари, што посебно би се одразило врз САД, оти таму имотот особено многу се чува во форма на акции.

Експертите не очекуваат светска рецесија

Еден натамошен домино-ефект може да ја погоди евро-зоната. Јапонските осигурителни компании и други инвеститори имаат вложено многу пари во странство. Само во ЕУ Јапонците поседуваат обврзници во вредност од 800 милијарди евра. На Јапонците наскоро ќе им требаат многу пари за обновата по катастрофата.

Тој капитал во странство би можел да биде вратен назад, и во најлош случај со тоа да биде натамошно заострена должничката криза во некои од земјите на Унијата, предвидува Андреас Реес. Во очекување на таков развој, вредноста на јапонскиот јен веќе се искачи на рекордно ниво, што е лошо за една земја-извозник како Јапонија.

Но, експертите не очекуваат дека ќе биде предизвикана светска рецесија, дури и во случај да дојде до голема атомска катастрофа. Оти, Јапонија е нето-извозник, што значи дека ако дојде до слом на побарувачката дома, од тоа во прв ред ќе бидат погодени тамошните фирми.

Автор: Жанг Данхонг/ Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски

Поврзана содржина