1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Ќе падне ли договор меѓу Белград и Приштина?

Денеска во Виена продолжуваат преговорите за статусот на Косово. За првпат на маса седат највисоките претставници на Приштина и Белград.

Марти Ахтисари очекува решение до крајот на годинава

Марти Ахтисари очекува решение до крајот на годинава

Очекувањата од денешната средба се ниски. Но, австриската министерка за надворешни работи Урсула Пласник смета дека е успех самиот факт што двете страни прифатија да седнат на заедничка маса, а таа од нив очекува поголем ангажман и пореален пристап.

По седум години меѓународен протекторат и седум рунди пропаднати преговори во Виена за таканаречени нестатусни прашања јасно е дека и српската и косовската страна не можат да најдат компромис за идниот статус на Косово. Состанокот на највисоките претставници во Виена ќе биде уште една можност да страните да си ги кажат своите ставови, но извесно е дека нема да ги приближат. Албанската страна во Виена патува со сосема јасен мандат – целосна независност на Косово

“Во Виена не одиме за да преговараме. Независноста на Косово е неспорна и нема ни да разговараме за тоа. Уверен сум дека Косово во 2006 ќе стане независно, и верувам дека меѓународната заедница ќе го признае”, изјави косовскиот премиер Фатмир Сејдиу кратко пред полетувањето од Приштина.

Ваковиот став денеска во Виена, ќе го бранат сите членови на косовската делегација, премиерот Агим Чеку, претседателот на парламентот Кол Бериша, како и лидерите на опозицијата Хашим Тачи и Ветон Сурои. Делегацијата на Белград во Виена ја предводат претседателот Борис Тадиќ и премиерот Воислав Коштуница. Во обраќањето до српската јавност јасен беше и Коштуница.

“Србија не е од вчера и таа ќе ги брани своите државни и национални интереси. Така што побрзо се заборават опасните идеи за создавање нова држава на територијата на Србија тоа е подобро за сите”, изјави Коштуница кој дозволува само широка автономија на Косово но во рамките на Србија.

За српската страна создавање на нова држава може да предизвика несакани последици насекаде во светот. Српскиот претседател Борис Тадиќ минатата недела во Брисел изјави:

“Мислам дека независност на Косово би била преседан кој би влијаел негативно врз стабилноста на регионот и тоа не само на Балканот туку и во светот. Мислам дека тоа нема да биде корисно решение, и многу сум загрижен за стабилноста на регионот ако Косово стане независна држава”.

Москва веќе реагираше дека независноста на Косово би можела да биде и сигнал за Чеченија, а слични најави за отцепување има и од Србите во Босна. На Косово и во меѓународната заедница се повеќе се зборува за наметнување на некаков вид условна независност за Косово.

Главниот преговарач Марти Ахтисари неколкупати повтори дека косовското прашање треба да се реши до крајот на годинава.