1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ќе му снема ли вода на пожарникарот во еврокризата?

Клучен мандат на Европската централна банка е зачувување на стабилноста на цените и на еврото. Во тоа досега успеваше, дури и во времиња на финансиска и должничка криза. Но, последната ја стави ЕЦБ пред нови предизвици.

default

Скулптурата на еврото пред седиштето на ЕЦБ во Франкфурт

Откако во мај 2010 реши да купува грчки државни обврзници, Европската емисиона банка е изложена на силни критики дека наводно со тоа го пречекорила мандатот. Поинаков став застапува Гертруд Трауд, главен економист во Хелаба, покраинската банка на Хесен и Тирингија.

„Секогаш ми е интересно дека во случајот со Европската централна банка догматичарите го креваат гласот, додека во финансиската криза Бенк оф Енгланд и американската емисиона Фед-банка го правеа истото и секој тоа го прифаќаше со воодушевување. Кај Европската банка секогаш се мери со двоен аршин“.

Погрешно решение од добри мотиви

Европската централна банка купуваше обврзници од Грција, Португалија и Ирска, а потоа и од Шпанија и Италија. Во нејзиното депо има државни обврзници со вредност од 160 милијарди евра.

„Со тоа решение дојде во близина на политиката. Мислам дека решението беше погрешно, иако е донесено со добра мотивација. Но, без решението на Банката да купува државни обврзници, политиката во меѓувреме одамна ќе реагираше“, критикува Јерг Крамер, главен економист на Дрезднер банк.

Емисионата банка се обидува да го стабилизира пазарот и со тоа што на банките им става на располагање неограничен обем на свежи пари, но нив веднаш ги повлекува од пазарот, кога не се потребни таму. Така Банката спречува инфлација. Со заострувањето на кризата исчезнува меѓусебната доверба на банките и тие веќе не си позајмуваат пари меѓусебе, стравувајќи дека конкурентот можеби има државни обврзници од кризни земји, па можат да бидат загрозени. Од октомври Европската централна банка им нуди на комерцијалните банки кредит во неограничен обем, со рок на отплата подолг и од една година. Кај каматната политика Европската банка останува претпазлива и поради добриот конјунктурен развој во првиот дел од годината, таа ја крена каматната стапка на еденипол процент, колку што изнесува и сега.

Автор: Бригите Шолтес / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска