1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ќе излезе ли вистината за Газа на виделина?

Какви повреди на човекови права и воени злосторства се извршени за време на последната војна во Газа меѓу израелската армија и палестински Хамас?

default

Со истрагата за ова прашање се занимаваше четиричлена комисија под раководство на поранешниот јужноафрикански уставен судија, Ричард Голдстоун. Извештајот на Голдстоун-комисијата кој денеска ќе биде разгледуван од страна на Советот на ОН за човекови права во Женева, има речиси 600 страници. Тој е не само најобемниот извештај за војната во Газа што досега е поднесен, туку е и најдетален. Комисијата имаше задача од Советот на ОН за човекови права да ги истражи „повредите на човековите права и прекршувања на меѓународното право сторени во контекст на воените операции во Газа меѓу 27 декември и 18 јануари - пред, за време и по овој временски период“, од која и да е страна во конфликтот.

Израел направил тешки повреди на меѓународното право

Во однос на Израел извештајот е недвосмислен, вели Голдстоун: „Врз основа на фактите дојдовме до заклучок дека има убедливи докази оти Израел сторил тешки повреди на меѓународното право - како повреди на меѓународното хуманитарно право, така и прекршувања на одредбите за човекови права. Израелските сили извршиле воени злосторства, а можно е и злосторства против човештвото.“

Злосторства вршел и Хамас

Резултатот на истрагата е јасен и во однос на Хамас.

Richard Goldstone

Ричард Голдстоун

Прекршувањата и злосторствата сторени од Хамас во извештајот зафаќаат помал дел, зашто однесле помал број жртви и причиниле помали материјални штети отколку оние на израелската армија, но оценката, особено за ракетните напади на Хамас врз израелските села и градови, е недвосмислена: „Нема сомневање - исфрлањето ракети и гранати било правено со намера да се убијат и повредат што повеќе цивили и да се уништуваат цивилни објекти. Тоа се тешки воени злосторства и можно е - злосторства против човештвото.“

Ако не биде сторено ништо, извештајот ќе стигне до Советот за безбедност на ОН

И покрај избалансираноста на Голдстоун-извештајот направен по налог на Советот за човекови права на ОН, израелската влада паушално оцени дека и налогот и извештајот се еднострани. Наспроти тоа, израелските организации за човекови права го поздравија извештајот и апелираа до сопствената влада и правосудството во рок од шест месеци да покренат кривични постапки против извршителите и наредбодавачите на утврдените злосторства.

Исто барање Голдстоун-комисијата упати и до Хамас. Доколку Израел и Хамас не одговорат на ова барање, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун би морало да го проследи извештајот на Комисијата до Советот за безбедност на ОН, препорачува Комисијата. Потоа, Советот за безбедност треба да го вклучи Меѓународниот кривичен суд. Израелската влада, во меѓувреме, почна интензивна политичка и дипломатска офанзива за да спречи проследување на извештајот до Советот за безбедност. Американската влада му сигнализираше на Тел Авив поддршка за таа цел.

Автор: Андреас Цумах / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска