1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ќе издржи ли Путин во подредена позиција?

Во Русија денеска предизборен молк. На утрешното гласање не се очекуваат изненадувања. Речиси сигурно дека новиот претседател ќе се вика Димитриј Медведев. Но, поинтересни се плановите на актуелниот шеф на држвата,Путин.

default

Медведев и Путин: Кој на кого ќе му биде подреден?

За в недела на втори март е планирана посебна претстава на руската политичка сцена: по вољата на претседателот Владимир Путин, вицепремиерот во руската влада и негов политички следбеник Димитриј Медведев ќе му биде наследник на претседателската функција. Според сите прогнози Медведев ќе биде избран уште во првиот круг. Се друго би било вистинска политичка сензација. По повлекување од местото претседател, Путин потоа ќе биде избран за премиер. Планот на Кремљ предвидува од пролетта 2008 година Русија да ја води двоецот Медведев - Путин. Затоа на утрешните избори се гледа само како на една етапа во тој процес.
Новото сценарио раѓа сомнеж
Тешко е да си замислиме како Путин наскоро, секое утро ќе оди во Кремљ за на претседателот Медведев да му поднесува извештај за напредоците или неуспесите на националните проекти. Дали тогаш претседателот Медведев, својот претходник и пријател кој му е како татко, ќе го фали за успесите или ќе го кара за грешките? Во најдобар случај тоа ќе биде најдобриот виц, а во најлош Медведев ќе го урне митот за Путин како „национален водач“ - мит кој в недела ќе го му ја даде моќта и власта. Иако Путин повеќепати нагласува дека ќе биде идниот премиер, во моментов е тешко да се замисли дека долгорочно ќе може да му биде подреден на Медведев. Затоа на ваквата најава на Путин не треба да се гледа како на негово конечно сценарио во политиката. Има повеќе причини за тоа.
Пораката гласи: избирајќи го Медведев го бирате Путин
Имено, до недела Путин има само една цел: да го осигура изборот на Медведев за нов претседател на Русија. Иако пропагандната машинерија работи со полна пареа и иако целата администрација е во служба на Кремљ, на Медведев и понатаму му е потребна целосната поддршка на Путин. На тој начин неделните избори стануваат изјаснување за него, иако тој официјално не е на кандидатската листа. Пораката гласи: избирајќи го Медведев го бирате Путин. Истовремено поддршката за Медведев не е порака само за избирачите во Русија. Сценариото “Медведев претседател, Путин премиер“ исто така е порака и за дел од елитата во Кремљ која не му е претерано наклонета на Медведев. Општо е прифатена шпекулацијата која кружи меѓу елитата дека постојат сили кои сакаат Путин да остане на чело на државата. Тие стравуваат дека под претседателот Медведев може да ја загубат моќта, а со тоа и пристапот кон вносни извори на приходи. Токму на тие потенцијални противници, кои би можеле во јавноста - барем теоретски - да лансираат компромитирачки податоци за Медведев, Путин им испрати порака да го прифатат неговиот наследник како претседател бидејќи така и тој ќе остане на власт - додуша како премиер. Не е исклучено дека Путин ќе биде премиер под претседателот Медведев, иако во тоа никој не може да биде стопроцентно сигурен. Сепак не треба да се очекуваат поголеми возбудувања при утрешното пребројување на гласовите. Но, потоа руската политика би можела да стане многу возбудлива.