1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Ќе „забревта“ ли повторно германско-францускиот мотор?

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска е во еднодневна посета на Франција. На средбата со францускиот претседател Франсоа Оланд ќе стане збор за наредните чекори за излез од кризата и економскиот пораст во Европа.

Германија и Франција имаат намера да поднесат извештај на тема - совладување на кризата и зголемување на економскиот пораст. Ангела Меркел и Франсоа Оланд имаат различни ставови во врска со еврокризата. Францускиот претседател се изјасни за напуштање на стриктното штедење во Европа, додека Меркел важи за застапник на ваквиот курс. И покрај разликите во мислењата околу економската и буџетската политика, двете страни избегнуваат отворен судир. Наместо тоа, Оланд зборува за „пријателски тензии“.

Возбуда предизвика еден предлог документ со насоки на социјалистичката партија на Оланд, на крајот на април, во кој беше критикувана „егоистичната непопустливост“ на „канцеларката на штедење“ Меркел. Спорните делови од документот подоцна беа избришани.

Подготовки за ЕУ-самитот на крајот на јуни

Средбата во Париз денеска (30.05) треба да послужи и како подготовка за наредниот самит на ЕУ на крајот на јуни, на кој ќе стане збор за зајакнување на економската и монетарната унија. Целта е - создавање заедничка иницијатива за натамошни ЕУ-реформи. Оланд во врска со ова прашање се држи цврсто до францускиот план за создавање на економска влада во еврозоната. Вчера (29.05) францускиот претседател, по објавувањето на финансиските препораки на ЕУ, изјави дека не прифаќа наредби за реформи од Брисел: „Европската комисија не може да ни диктира што да правиме“, изјави Оланд. Според него, ЕК на Франција може само да и‘ каже дека треба да си ги среди јавните финансии, а кој пат ќе го одбере земјата е нејзина работа.

Претходно, ЕК при годишната проверка на плановите за буџетот и‘ даде на Франција повеќе време за штедење, но за возврат предложи конкретни реформи кои земјата треба да ги спроведе, како што е пензиската реформа.

Непосредно пред посетата на Меркел на Франција, Рајнер Бридерле, шефот на пратеничката група на либералите кои се коалиционен партнер на Меркел, од Франција побара повеќе реформи. Тој за весникот „Рајнише пост“ изјави дека е време за повеќе социјална пазарна економија наместо социјалистичко државно стопанство. Според Бридерле, првата година од социјалистичкото претседателство во Франција е „загубена година“. Тој оцени дека Европа „веќе не може да ја чека Франција“.