1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ќе добие ли Македонија преодна оценка?

Претставници на Советот на Европа утврдуваат каква е политичката состојба во постизборна Македонија. Од дводневната посета ќе зависи дали во конечниот извештај земјата ќе го поправи впечатокот по проблематичните избори.

default

Изборните инциденти ќе влијаат врз оценката за Македонија

На Европарламентарците не им успеа обидот, на првиот ден од престојот во Скопје, да посредуваат во помирување на двете најмоќни партии на Албанците во Македонија. ДПА останува надвор од парламентот и покрај апелите на Европарламентарците партијата да дејствува институционално, да го запре бојкотот на законодавниот дом и да почне политички дијалог со останатите партии. Повик за враќање во парламентот до ДПА испрати и лидерот на ДУИ Али Ахмети по средбатата со претставниците на Советот на Европа.

„Јас не се согласувам со нивниот бојкот. Тие за нас, како позиција, би биле многу позначајни да бидат во Парламентот. Тие можат да излезат со подобри решенија во Собрание и со закони и со други проекти“, изјави Ахмети од владината ДУИ.

Изборните инциденти во фокусот

Македонските пратеници и делегатите на Советот на Европа дебатирале за повеќе теми, но во фокусот се изборните инциденти, препораките за постизборниот период и функционирањето на новата владина коалиција. Оценките на македонските парламентарци се различни, но оптимизмот дека Македонија ќе добие подобар извештај од претходниот е заеднички и за власта и за опозицијата. Оливер Шамбески од ВМРО ДПМНЕ и Андреј Жерновски од ЛДП разговараа со мисијата од Советот на Европа.

„Ова што засега го видов од состанокот, мене лично ми влева прилично оптимизам“, рече Оливер Шамбевски, шеф на делегација - Совет на Европа.

„За жал, беше констатирано дека Македонија со овие избори, со начинот на којшто ги организираше направи чекор назад во своите евро и евроатлантски интеграции и за жал, ставени сме во групата на земји како што се Ерменија, Азербејџан и Грузија, каде што се организираат постизборни посети“, рече Жерновски, член на делегација - Совет на Европа. Од останатите теми за кои се интересирале европарламентарците се демаркација на границата кон Косово и грчкиот спор за името. Во неколку члената делегација на Советот на Европа е и Андреас Брок, швајцарскиот европарламентарец кој покрена нова истрага за уривањето на авионот во кој загина македонскиот претседател Борис Трајковски.