1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Ќе ги повлече ли Шарон еврејските населби од Газа?

Израелскиот премиер Ариел Шарон потполно неочекувано најави повлекување на еврејските населби од појасот Газа. Шарон како конзервативен политичар, со таквиот спектакуларен пресврт во однос на досегашната политика предизвика изненадување како кај политичките истомисленици, така и кај политичките непријатели. Но, дали е тоа навистина почетокот на она што израелскиот премиер повеќе пати го најави како "болни отстапки"? Најавата може повеќе да се толкува како тактички чекор!

Во рок од две години треба повеќе да нема Евреи во појасот Газа. Ова не е зацртана цел на некоја исламска милитантна организација, по теркот на "Исламски џихад" или "Хамаз", туку најава на израелскиот премиер Ариел Шарон. Во интервју за либералниот весник "Хаарец", тој појасни што подразбира под унилатерални мерки за случај Палестинците да не се подготвени на нови мировни преговори.

На ваквата најава многумина, како во Израел, така и во странство, реагираа со скепса, оценувајќи ја како пропаганден потег. Ваквата скепса е и оправдана, бидејќи Шарон до сега важеше како покровител на движењето на еврејските доселеници. Токму тој ги интензивираше еврејските населби на палестинските автономни подрачја во улога на министер за градежништво. Токму тој постојано им ветуваше на доселениците дека нивното присуство на палестинските подрачја никогаш нема да биде доведено во прашање, туку напротив, дека тие се гаранција оти "бибилиската земја Израел" за секогаш ќе остане во рамките на еврејската држава.

Од друга страна, појасот Газа беше од секогаш оптоварување за Израел. Станува збор за подрачје со преку половина милион Палестинци нагмечени на мал простор, каде згора на сета мака се доселија уште 7.500 Евреи. Секако дека тоа е постојан извор на тензии и судири. Поранешните израелски влади затоа во повеќе наврати коваа планови за расчистување на населбите во Газа.

Но, сепак е тешко да се прифати вистински пресврт во политиката на Ариел Шарон. Поверојатни се чинат насетувањата дека најновата најава на израелскиот премиер е мотивирана од тактички причини, а не од длабок политички увид. Прво, Шарон наскоро треба да патува во Вашингтон и за неговиот рејтинг таму секако би било добро да се покаже како кооперативен и помирлив. Првите реакции од САД на најавата покажуваат дека Шарон би бил во право. Но, исто така причина за потегот би можело да биде и потиснувањето во заднина на она што Шарон навистина го мачи во последно време - имено корупциската афера, во чиј центар се наоѓаат токму тој и неговите синови. Конечно, ова може да биде и тактизирање кон оној дел од израелското население, кое му префрла на премиерот дека не прави ништо за зголемување на нивната безбедност. Како и многу пати до сега, најмудро е да причекаме и да видиме дали на овие зборови на Шарон ќе им следат и дела. Во долгата политичка кариера тој многу нешта најави, но го оствари само она за што се закани. Повлекувањето од Газа за разлика од поранешните, не би било никаква закана, туку напротив - вистински чекор напред!