1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Ќе војуваме се додека не го истераме НАТО од нашата земја“

Нападот од група турски националисти врз германските војници во Искендерун ја покажува недовербата на дел од турското население кон Западот, НАТО и САД. Се очекуваат натамошни протести.

Некои од германските војници, кои во моментов се на должност во турскиот Караманмараш во рамките на мисијата на противракетната одбрана „Патриот“, веројатно се збунети. Прво, турската влада побара поддршка од НАТО-сојузниците против можни ракетни напади од соседната од граѓанска војна разбранувана Сирија, а само што западните војници стигнаа во Турција, беа пречекани со протести и физички напади. Со недели едно политички шаренолико протестно движење составено од националисти, комунисти и исламисти организира демонстрации против мисијата Патриот.

Нападот врз војниците на Бундесверот во Искендерун на 22 јануари беше моментна кулминација.

„Ќе се бориме, се‘ додека војниците од НАТО не бидат истерани од нашата земја“, изјави Чагдаш Ченгиз, заменик-шеф на десноориентираната организација Унија на турската младина по нападот врз германските војници во акција пред германскиот генерален конзулат во Истанбул.

„Ве предупредивме, но не слушате“, вели Ченгиз, мислејќи на Германците.

Patriot Raketen der Bundeswehr

Припадници на Бундесверот во Турција

Вреќите како симбол

Членови на оваа организација под раководство на претседателот Илкер Јицел претходно во Искендерун на двајца војници на Бундесверот им ставија вреќи преку главите. Со тоа националистите алудираа на инцидентот кој се случи во Ирак во 2003 година, по американската инвазија. Тогаш американските трупи во северен Ирак фатија неколку турски војници и им ставија вреќи на главите, како на најтешки злосторници. Турските националисти тоа до ден-денес не им го простија на Американците.

Формата на протест јасно покажува дека Бундесверот во Турција наидува на вртлог на агресивен антиамериканизам, кој според анкетите на јавното мислење и ставовите на експертите е широко распространет. Антиамериканското расположение го зафати целото турско општество, вели политикологот Фисум Тиркмен.

Потенцијално тешка позиција за владата

Кога германскиот Маршалов фонд пред неколку месеци испитуваше колку се омилени САД во Европа и во Русија, Турција беше на дното на листата: само 34 проценти од Турците имаат позитивен став кон САД, само еден од четворица Турци би сакал водечка улога на Вашингтон. Во однос на НАТО се покажа слична слика. Само 38 проценти од Турците, според анкетата, веруваат дека има потреба од Алијансата. Во САД и во Европа оваа бројка е повисока за 20 проценти.

18.12.2012 DW KARTEN Türkei, Kahramanmaras, Syrien, Grenze, Bundeswehr deu NEU

Противракетните системи „Патриот“ се стационирани на границата кон Сирија

За владата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган тоа досега не беше никаков проблем. Ердоган одлично се согласува со американскиот претседател Барак Обама, турско-американските односи се добри како што одамна не биле. Но, доколку протетсите против ангажманот на НАТО, побаран од самата Анкара, се прошират, Ердоган може да се најде во незгодна ситуација кон своите западни сојузници. Уште при инцидентот во Искендерун Анкара мораше да се соочи со жестока критика и предупредување од германската влада.

Протестните акции продолжуваат

Турското протестно движење се’ уште е мало и се движи по работ на политичкиот спектар. Но, Унијата на турската младина, според сопствени наводи, е поддржана од пратеник во парламентот од ЦХП (Републиканска народна партија), најголемата опозициона партија на Турција, која едел од Социјалистичката интернационала заедно со германската Социјалдемократска партија.

Во претстојната изборна кампања во Турција, во 2014 и 2015 година ќе бидат одржани општински, парламентарни и претседателски избори, противниците на Ердоган можеби ќе се обидат да го искористат антизападното расположение во своја полза. Унијата на турската младина најави натамошни протести. Поради тоа, турската влада сака што побрзо да се ослободи од Патриот мисијата. Доколку престане опасноста од Сирија, оружјето на НАТО „уште истиот ден, уште истиот час“ ќе ја напушти Турција, изјави турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу.