1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Љубов на втор поглед

Канцеларката Ангела Меркел и новиот француски претседател Франсоа Оланд се согласија дека имаат различни мислења за некои од клучните проблеми во Европа. На првата средба сепак централна тема беше состојбата во Грција.

Ниту големото невреме не го спречи новиот француски претседател Франсоа Оланд во неговата прва посета. Авионот на Оланд беше погоден од гром за време на летот кон Берлин, но тој едноставно седна во друг и пристигна на состанокот со германската канцеларка Ангела Меркел, иако со едноипол часовно задоцнување.

Меркел потоа се шегуваше дека невремето е можеби добар предзнак за плодната соработка која ќе претстои. Германската конзервативна канцеларка знае дека со социјалистот Оланд треба да воспостави добри односи што е можно побрзо, иако двајцата потекнуваат од различни политички милјеа и имаат различни идеи за клучните прашања кои во моментов се разгледуваат во рамките на ЕУ.

По двочасовниот состанок беше јасно дека разликите во голема мерка остануваат, но двајцата државници сепак се согласиле околу некои теми.

И Меркел и Оланд по средбата изјавија дека Грција треба да остане во еврозоната. Двете земји се подготвени да ја разгледаат можноста за преземање дополнителни мерки за поттикнување на пораст во Грција, доколку тоа Атина го побара.

Грција во моментов е во хаотична состојба, откако вчера пропадна и последниот обид на претседателот Папуљас да ги одоброволи лидерите на политичките партии да одобрат формирање технократска влада. Доколку не се случи нешто непредвидено, утре парламентот треба да закаже нови парламентарни избори кои најверојатно ќе се одржат на 17 јуни. Анкетите покажуваат дополнителен пораст на рејтингот на партиите кои се противат на строгите мерки за штедење.

Treffen Merkel Hollande

Меркел и Оланд

Токму по тоа прашање се кршат копјата и меѓу официјален Берлин и новиот претседател во Париз. Оланд и синоќа повтори дека ќе инсистира да се посвети повеќе внимание на стопанскиот пораст во Европа.

„Ставив до знаење дека стопанскиот пораст не треба да биде само празно ветување, туку нешто што ќе се почувствува во реалноста“, порача Оланд. Тој најави дека е подготвен повторно „да стави се’ на маса“ на следниот самит на Унијата на 23 мај, вклучително и прашањето за еврообврзниците, на кои Меркел жестоко се противи.

Германската канцеларка повтори дека за неа клучно е да се остане на курсот на штедење. „Стопанскиот пораст треба да потекне од луѓето и затоа се радувам што се согласивме дека треба да дискутираме за различните идеи како да се постигне тој раст. За мене не е проблем тоа што за некои работи имаме исти ставови, а за некои различни погледи“, порача Меркел.