1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јункер сака да остане премиер

Жан-Клод Јункер е премиер со најголем стаж во ЕУ. Тој цели 18 години раководи со владата на Луксембург и сака така да остане и по денешните (20.10) парламентарни избори. Но може ли?

Во Луксембург всушност избори требаше да се одржат дури во мај 2014 година. Но една бизарна шпионска афера предизвика распад на владејачката коалиција на Христијанско-социјалната партија (ЦСВ) на Жан-Клод Јункер и социјалистичката Работничка партија ЛСАП.

Една комисија која го истражуваше работењето на луксембуршката тајна служба, оцени дека Јункер е политички одговорен за тоа што службата со години си дејствувала делумно по свое. Тајната служба СРЕЛ од 2000. година наваму неколку пати преземала илегални акции на прислушување. Беше обелоденето и дека службата составила 13.000 досиеја за лица и фирми. Јункер во текот на летото призна дека не знаел за сите операции на СРЕЛ и дека не се интересирал доволно за светот на тајните служби. Социјалдемократите по ваквото признание се откажаа од својата поддршка за Јункер и побараа нов почеток. Но премиерот не поднесе оставка, туку со оглед на „затруената атмосфера“ во коалицијата издејствува нови избори и повторно се промовираше себеси за врвен кандидат на својата ЦСВ.

Работничката партија, која е помал партнер на ЦСВ веќе 25 години, има намера да се ослободи од Јункер и стреми кон тројна коалиција со либералната Демократска партија и Зелените. Сепак, последните анкети покажуваат дека ЦСВ, и покрај загубите на извесен број гласови, повторно ќе победи.

За 60 места во парламентот се борат девет партии и вкупно 540 кандидати. Право на глас имаат околу 240.000 граѓани. Во Луксембург, кој по Малта е втора најмала земја на ЕУ, владее обврска за гласање.