1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Јункер: Македонија бележи извонреден напредок

Македонскиот премиер Заев по средбата со претседателот на Европската Комисија Јункер изјави дека Македонија треба да се најде во следниот пакет проширување. Хан вети неусловена препорака доколку се исполнат реформите

Ја охрабруваме Македонија да продолжи по патот на кој тргна, порача претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев по нивната средба во Брисел.
„Многу сме среќни со работата на новата влада. Сакаме да ја охрабриме Македонија да продолжи по патот на кој тргна. Подобрувањата и напредокот се извонредни. Очекуваме овој реформски процес кој го започна премиерот да продолжи“, рече Јункер.

Заев ги наброја реформите кои се спроведуваат во земјата, а кои се дел од барањата во извештајот на експертската група на Рајхард Прибе: реформи на правосудството, реформа на разузнавачките служби, реформа на јавната администрација и засилување на независните регулаторни тела и медиумите. Македонскиот премиер се надева дека новиот пакет за проширување на ЕУ ќе ја опфати и Македонија, и дека земјата ќе најде свое место во новата стратегија за проширување која ја подготвува Европската комисија за почетокот на следната година.
„Македонија заслужува да добие охрабрување“, рече Заев.

EU Johannes Hahn EU-Kommissar (DW/B. Riegert)

Македонија ќе добие неусловена препорака за преговори со ЕУ доколку ги заврши реформите, вели Јоханес Хан

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан рече дека доколку владата ги исполни сите реформи планирани до крајот на годинава, во следната фаза ќе може „да се понуди неусловена препорака за почеток на преговори".
„Но само доколку земјата остане на реформскиот процес“, повтори Хан. „Многу сум оптимист дека тоа може да се постигне, но сите чинители во земјата мора да застанат зад овие напори". Во тој контекст, тој ја повика и опозицијата да се придружи кон оваа цел.
„Европската перспектива е национална цел и сите треба да се однесуваат согласно кон таа цел“, рече Хан.
Јункер заклучи дека вратите на ЕУ се отворени за сите земји од Западниот Балкан и дека со оглед на напредокот кој го прави Македонија, во наредниот период земјата може да го направи и следниот чекор. 

DW.COM