1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јунг отфрла оставка

Во Берлин денеска ќе се одржи седница на парламентарната комисија за одбрана, каде во фокусот ќе биде аферата со прикривањето на фактите во врска со септемврискиот напад врз два камиона-цистерни во Авганистан.

default

Франц Јосеф Јунг

Во изјавата што беше очекувана со нетрпение, поранешниот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг пред пратениците во Бундестагот, вчера ги отфрли префрлувањата дека како министер не им ја открил вистината на парламентот и на јавноста. Тој се бранеше дека од авганистанска страна бил уверуван дека во нападот немало цивилни жртви. На почетокот на октомври бил информиран од Шнајдерхан дека има извештај од воената полиција за настаните, но тој сакал да му го проследи на НАТО. „За мене беше важно дека сите истраги на НАТО ќе ни‘ бидат ставени на располагање. Поради тоа дадов согласност да биде предаден извештајот. Но, јас не добив конкретни сознанија што содржи извештајот“, рече Јунг во Бундестагот.

Тој уште нагласи дека веќе еден ден по нападот, во кој имало до 142 жртви, искажал жалење поради евентуални цивилни жртви. „Мислам дека од сево ова недвосмислено произлегува дека јас коректно ги информирав како парламентот, исто така и јавноста за она што го знаев во однос на тие настани“, заклучи Јунг.

Остри критики од опозицијата

Deutschland Bundestag Bonn Jubiläumssitzung Erster Bundestag Flash-Galerie

Бундестаг

Опозицијата се побуни по ваквите изјави на екс-министерот за одбрана и сегашен за труд и социјала. „Господинe министре Јунг, многу јасно велиме дека очекувавме поинаков говор од Вас. Политиката треба да ја карактеризира не избегнување, туку преземање политичка одговорност кога е тешко“, рече социјалдемократот Рајнер Арнолд.

Шефот на фракцијата на Зелените, Јирген Тритин, критикуваше дека Јунг извештајот од воената полиција му го предал на НАТО, но не и на Комисијата на Бундестагот за одбрана. „Не само што вие овде рековте невистина, туку и не‘ измамивте сите нас. А тоа не спаѓа во демократијата“.

Опозицијата побара Комисијата за одбрана да се конституира како парламентарна Анкетна комисија, за да ја расветли аферата. На крајот Јунг ќе мора да поднесе оставка, предвиде шефот на фракцијата на Левичарите Грегор Гизи. „Тоа е невообичаено постапување. Со наредба на офицер на Бундесверот загинале до 142 луѓе и за тоа не се дознава речиси ништо, туку секогаш само мали делчиња. Германската и меѓународната јавност имаат право на разјаснување и вие треба да го сторите тоа. И, верувајте ми, господине Јунг, нема да имате друга можност, затоа најдобро веднаш извлечете консеквенции, тоа е во наш и во Ваш интерес.“

Вчера попладнето и канцеларот Ангела Меркел јасно се дистанцира од Јунг. На прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, таа рече дека секогаш голема вредност и’ придавала на транспарентноста и го поддржува сегашниот министер за одбрана Карл-Теодор ци Гутенберг во напорите за расветлување на она што се случувало.

Автор: Бетина Маркс / Зоран Јордановски

Редактор: Алекснадра Трајковска