1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јужна Кореја го зголемува дострелот на ракетниот систем

Сеул и Вашингтон се договориле за значително зголемување на дострелот на јужнокорејскиот ракетен систем, објави советникот за навионална безбедност на Јужна Кореја, Чун Јунг Во.

Дострелот на проектилите на јужнокорејскиот ракетен систем, според новиот договор меѓу САД и Јужна Кореја, во иднина ќе биде 800 километри, наместо досегашните 300. Ова произлегува од промените на соодветниот договор од 2001 за кои согласност постигнале двете страни, соопшти јужнокорејскиот советник за национална безбедност Чун Јунг Во.

Со тоа во иднина, проектилите од ракетниот систем на Јужна Кореја ќе бидат во состојба да достигнат цели на целокупната територија на Северна Кореја.

Овој чекор со кој значително ќе се зајакне ракетното оружје што го поседува Јужна Кореја се претпоставува дека ќе ја вознемири комунистичка Северна Кореја, со којашто со децении траат големите тензии од поделбата на полуостровот по Корејската војна од 1950 до 1953 година.

Аналитичарите сметаат, исто така, дека ова може да предизвика и вознемиреност и на Кина, Јапонија и Русија, бидејќи некои делови од нивните територии така стануваат можна цел на јужнокорејските ракети.

Сеул со години настојува да го зголеми дострелот на своите проектили за да ја елиминира опасноста од Пјонгјанг, кој тврди дека развил ракети кои може да погодат цел во кој и да е дел од територијата на Јужна Кореја.

Во моментов целата Јужна Кореја, како и американските воени постројки и бази во Јапонија и на Гуам, се во дострелот на севернокорејските ракетни напади, покажуваат податоците што ги презентираше владата на Јужна Кореја.

САД во Јужна Кореја имаат стационирано повеќе од 28 илјади војници кои се гаранција за одбрана од евентуален напад од страна на Северна Кореја.