1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јужна Африка се моли за Мандела

Луѓето во Јужноафриканската Република се молат за Нелсон Мандела. „Не сакам да лажам, не изгледа добро“, рече ќерка му. Претседателот Зума пак вели дека постои мало подобрување на здравјето кај Мандела.

Семејството на јужноафриканскиот екс-претседател ја подготвува јавноста за претстојната смрт на иконата на анти-апартхејдот. „Во еден момент може се‘ да се случи“, изјави неговата најстара ќерка Маказиве Мандела. Сепак, нејзиниот татко се‘уште ги отвора очите и реагира на допир. Можеби Господ ќе биде милостив и ќе го остави уште во живот, па на 18 јули ќе го славиме неговиот роденден“, изјави таа.

По консултацијата со лекарите кои го лекуваат Мандела, претседателот Џејкоб Зума одлучи да го откаже превиденото патување во соседен Мозамбик, за да учествува на регионалниот самит во Мапуто.

Мандела, кој идниот месец ќе наполни 95 години, од 8 јуни се наоѓа на одделението за интензивна нега во болницата во Преторија, каде се лекува од тешко воспалување на белите дробови. По првичната криза, лекарите потврдија дека состојбата на Мандела е подобрена, иако таа сите изминати денови се оценува како „критична но стабилна“.

Во текот на минатиот викенд дојде до нагло влошување, кое во последните два дена продолжи. Пред зградата на болницата во Преторија постојано има стотици Јужноафриканци кои се молат за здравјето на Мадиба, како што се нарекува Мандела во својот клан, но многумина од нив сметаат дека треба да му се дозволи тој мирно да умре.

Во локалните цркви се изведуваат молитвите се за мирно заминување на Мандела, а весниците во Јоханесбург веќе пишуваат за „последната битка“ на човекот кој го урна апартхејдот во Јужна Африка.Тој во 1990 година беше пуштен од затворот на островот Робен, каде помина 27 години.

Во 1993 година ја доби Нобеловата награда за мир, а во следната 1994 беше избран за првиот црнечки претседател на Јужноафриканската република. Пет години подоцна се повлече од функцијата, препуштајќи им ја на помладите од себе, а во 2004 година се повлече од јавниот живот. Последен пат се појави во јавноста во 2010 година, на отворањето на Светското фудбалско првенство. Мандела долги години страда од проблемите со белите дробови. Во осумдесетите години на 20 век, тој беше лекуван од туберколоза, која ја доби додека ја издржуваше казната доживотен затвор, на островот Робен.