1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јужна Африка е социјално „буре барут“

44 рудари беа убиени од страна на полицијата за време на протестите кај рудникот Марикана во Јужна Африка. Експертите велат дека на земјата и‘ се заканува социјална експлозија поради големата нееднаквост.

Околу три илјади рудари на 10. август годинава почнаа ненајавен штрајк. Вооружени со мачети и копја тие се судрија со полицијата и состојбата излезе од контрола. Сепак, судирите не ги изненадија експертите кои ја познаваат тамошната состојба.

Јужноафриканската Република се наоѓа на „буре барут“, вели Џон Кејпл од фондацијата „Бенчмаркс“, кој објаснува дека ваков развој на настаните можел да се очекува затоа што промените во рударската индустрија од крајот на апартхејдот во 1994. година биле минимални.

„Платите и натаму се мизерни. Рударите се надеваа на подобар живот, убави куќи, доволно храна и обезбедена здравствена нега. Реалноста е дека тие и натаму живеат во сламови без вода и струја“.

Ескалацијата на насилствата и убиствата можеа да се избегнат доколку компанијата „Лонмин“ ги послуша препораките на експертите кои ја анализираа

состојбата уште пред пет години. Работниците ја прекинаа работата поради неисплатени плати, кои во просек изнесуваат околу 400 евра, и бараа трикратно зголемување.

Подобрување на животните услови

Фондацијата „Бенчмаркс“ препорача подобрување на работните и животните услови. Освен тоа, критикуван беше фактот што економијата и политиката во Јужна Африка се премногу испреплетени и тоа 18 години откако поранешното ослободително движење ја презеде власта.

„Овие компании веруваат дека можат да прават што сакаат, бидејќи имаат врски во политиката. Во одборот на компанијата „Лонмин“ се наоѓа и поранешен борец за слобода. Поранешниот шеф на синдикатот на рударите, денес е мултимилионер. Таквата состојба го оневозможува слободното и независно работење, а личните интереси се ставаат пред општествените“, вели Џон Кејпл.

Експертите сметаат дека до крвопролевањето немаше да дојде доколку владата навремено реагираше на барањето на рударите. Јазот меѓу богатите и сиромашните во Јужна Африка е најголем во светот. Речиси 50 отсто од населението живее под границата на сиромаштија, а официјалната стапка на невработеност е 25 проценти. Злосторствата воглавно минуваат неказнето, полицијата е слабо обучена, државните болници пропаѓаат и насекаде е присутна корупцијата.

Политичарите поттикнуваат насилство

Луси Холбурн од Институтот за расни односи вели дека политичарите во земјата со своето однесување поттикнуваат насилство.

„Постои политичка реторика која и помага на ваквата состојба. На пример, во полицијата велат: ’Пукај за да убиеш’, а претседателот лично во повеќе наврати ја пее песната на борците за слобода: ’Донеси ми го мојот митралез’. Тоа не треба да се сфаќа буквално, но таквата реторика создава клима која сигнализира насилство и тоа е нормално и прифатливо’.

Инаку, по крвопролевањето во Марикана, следниот ден на работа дојдоа околу една четвртина од рударите, додека останатите ги игнорираа предупредувањата на управата дека ќе добијат отказ.

Експертите предупредуваат дека протестите во Марикана и крвопролевањето кое се случи можат да бидат иницијална каписла за социјални протести кои ќе ја зафатат целата земја.