1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Јошка и господин Фишер“

Јошка Фишер, првиот германски „зелен“ министер, е една од најживописните личности на германската политика. Новиот филм со наслов „Јошка и господин Фишер“ ги прикажува двете лица на Јошка Фишер - бунтовник и политичар.

default

Приказна за бунтовната генерација од 1968 година

Во 1968 година, како член на студентското движење на отпорот, Јошка Фишер се бореше против власта, чиј дел подоцна стана и самиот. Новиот филм со наслов „Јошка и господин Фишер“ ги прикажува двете лица на Фишер.

На почетокот на филмот, во еден исечок, тој вели: „Моите родители отсекогаш гласале за демохристијаните-католици, прогонети од татковината. Не сум сигурен дека мајка ми кога било гласала за мене“.

Филмот, всушност, требаше да биде биографија. Но, како да се претстави човекот кој, како што изгледа, веќе има се‘ речено и за кого сите веруваат дека го знаат, е дилемата која ја имал режисерот Пепе Данкварт.

Тој избрал необичен пристап: го одвел Јошка Фишер во една стара фабричка хала, во која биле поставени филмски платна. На нив бившиот политичар можел да ги види исечоците од филмовите и фотографии во кои е прикажан неговиот досегашен живот. Меѓу нив и многу непознати.

„Тоа кај човек предизвикува поинакви емоции. И нему му се случи истото. Одеднаш ги виде сите тие фотографии кои оставија впечаток на него, една цела генерација - војната во Виетнам, поп културата, културата на младите со Битлси, Боб Дилан, рок енд рол кој следеше. Дури и панкот. Сето тоа има оставено печат врз политичкото мислење и врз него и неговата лична биографија“, наведува режисерот.

Flash-Galerie Film Joschka und Herr Fischer

Поттикнување на сеќавањата

Наплив на сеќавања од детството и младоста

Фишер ги гледа сликите од детството, го препознава свештеникот, се гледа себе си како министрант. Неговите родители се унгарски Германци.

„Да се биде дете во семејство на прогонети остава траги. Тоа чувство дека не припаѓаш тука... Но, јас всушност не страдав поради тоа, туку го прифатив, што ми овозможи своевидна слобода“, вели Фишер во филмот.

Но, на младиот Фишер провинцијата во која живеел му станала тесна. Гимназијата ја напуштил без положена матура, занаетот за фотограф го прекинал и во 1968 година заминува за Франкфурт. Тука почнува неговата политичка кариера на улица, на демонстрациите против војната во Виетнам.

„Кога почнавме со Виетнам и другите дискусии бевме само радикално малцинство. Одговорот на големиот дел од германското население гласеше: ’Тргнете се оттука’, што беше поблага форма, потоа ’треба да ве пратат во работен логор’ беше поостра форма, а најостриот одговор гласеше: ’сите вас треба да ве испратат во гасна комора’“, се сеќава Фишер.

Од бунтовник до политичар

Јошка Фишер во филмот потсетува и коментира, додава анегдоти кон фотографиите и лукаво се смешка. Пред се‘ анализира зошто околностите биле такви какви што биле. Понекогаш тоа го прави иронично, често со замисленост, навраќајќи се на минатото, а секогаш открива нешто ново, вклучувајќи го и времето кога работел како таксист, на почетокот на 80-те години.

Да почне да се занимава со политика го убедил германско-францускиот политичар Даниел Кон Бендит. Во 1983 година Фишер беше избран за пратеник во германскиот парламент-Бундестагот. По две години, што тогаш беше вообичаено за Партијата на Зелените, престанува да биде пратеник, но наскоро станува министер за заштита на животната средина во покраината Хесен.

„Направив погрешно се‘ што можеше да се направи погрешно. Се‘! Не знаев како треба да управувам како човек на власт, за содржините немав поим. Не знаев ништо ни за административните работи, ниту за покраинската политика. Мнозинството во партијата беше против мене. Тогаш се случи Чернобил. Бев целосно готов“.

Тоа било најтешкото време во неговата кариера, но и најпоучно. Така Фишер ја научил примената на политиката во мачното секојдневие.

Flash-Galerie Film Joschka und Herr Fischer

Изборна победа со поматена радост

Кога во 1998 година со бившиот канцелар, социјалдемократот Герхард Шредер, формираше влада, Јошка Фишер стана министер за надворешни работи на првата т.н. црвено-зелена влада, која ја сочинуваа Социјалдемократската партија и Партијата на Зелените. Тогаш се најде пред најважната одлука во својот живот-војната во Сојузна Република Југославија со масовните протерувања и убиства, НАТО да ја запре со воени средства:

„Уште во изборната ноќ јас не бев среќен. Пред себе ја гледав одлуката за претстојна војна. Не знаев како мојата партија тоа ќе го издржи. Главата ми беше полна грижи од она што ќе дојде. Не чувствував дека треба да славам изборна победа“, вели Јошка Фишер во филмот „Јошка и господин Фишер“.

Филмот е слика за генерацијата од 1968 година, која го канализираше својот гнев, ги формулираше своите идеали и значително придонесе Германија да одрасне.

Автор: Бернд Собола/ Жана Ацеска

Редактор: Горан Чутаноски