1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јосиповиќ: Да им се поклониме на српските жртви

Во Хрватска како Ден на победата и татковинската благодарност и Ден на хрватските бранители, одбележана е годишнината од акцијата на хрватската војска и полиција, „Бура“ од 1995 година против Република Српска Краина.

Да се победи во мир значи да му се пружи рака на српскиот народ, да се признаат неговите жртви и да им се поклониме на загинатите, изјави хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ на централната свеченост на одбележувањето на 17-годишнината од акцијата „Бура“.

Хрватскиот државен врв на овогодинешната свеченост по повод Денот на победата и татковинската благодарност, Денот на хрватските бранители и 17-годишнината од воено-полициската операција „Бура“ не ги спомена хашките осуденици, но беа споменати српските жртви и потребата тие да се испочитуваат.

„Хрватска победи во војната и ги одбрани границите. Сигурен сум дека можеме да ги победиме рецесијата и кризата и сите тие тендеции кои сакаат да ја остават Хрватска надвор од Европа и нејзините вредности“, рече Јосиповиќ.

Премиерот Зоран Милановиќ изјави дека граѓаните на Хрватска биле заедно кога било најтешко, како и дека хрватскиот пат бил најтежок, а цената била огромна. „Овој празник не го славиме за да уживаме во туѓата несреќа и да се насладуваме на туѓите потешкотии“, рече Милановиќ и додаде дека по „Бура“, Хрватска понекогаш била под нивото на својата задача.

Тој сепак истакна дека војната била праведна и хумана и оти тоа се вредностите со кои Хрватска влегува во ЕУ. „Хрватските граници секогаш ќе ги браниме, знаејќи каде се, како што тоа го правеше секоја хрватска власт од 1990 година досега и за тоа сме исто така единствени“, порача Милановиќ пред споменикот на Хрватската победа Бура ’95.

Српскиот национален совет вчера по повод 17-годишнината од почетокот на воената акција „Бура“, со која Хрватска ја поврати контролата врз српскиот сепаратистички регион Книнска Краина, побара еднаков третман кон сите жртви во војната, независно од нивната национална припадност.

Семејства на жртвите при операцијата „Бура“ положија венци и запалија свеќи пред спомен-плочата поставена недалеку од црквата „Св. Марко“.

За време на операцијата „Бура“, според хрватски извори, загинале меѓу 1.000 и 1.460 Срби и 174 Хрвати, а околу 90.000 српски цивили побегнале во Србија, додека според српски извори, загинале околу 1.820 Срби, а 200-250.000 ги напуштиле своите домови.

Поврзана содржина