1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Јован Балов: Три децении творештво и ангажман за Балканот!

Со 18 хиперреалистички портрети изложени во Културниот центар Шпандау, Јован Балов, неуморниот творец и амбасадор на македонската и балканската уметност во Берлин, го одбележа своето три децениско творештво.

За Јован Балов, амбасадорот на македонските и балканските уметници во Берлин синоќешниот (7 јуни) вернисаж беше посебен. Место домаќин и организатор, Балов беше оној кому му беа посветени говорите и чии дела беа изложени пред очите на публиката. И тоа не во „Прима центар“ во Вединг, каде вообичаено се претставуваат уметниците од Македонија и Балканот, туку на спротивниот крај од престолнината - во Шпандау. Со 18 хиперреалистични портрети во голем формат, акрил на платно, Јован Балов го одбележа 30-годишниот јубилеј од своето творештво, како автор, но и како човек кој во Берлин создаде препознатлива платформа за македонската и балканската уметност.

Jovan Balov Interview

По 20 години Јован Балов се врати на хиперреализмот и психологијата на портретите

„До оваа изложба дојде многу спонтано, непланирано. Влегов многу брзо во термин кој беше можеби пополнет, но во кој препознав убав датум. Точно пред 30 години, на 7 јуни ја имав првата изложба во Скопје. Ова беше прилика да ги соберам овие портрети и сите да ги видам заедно. Станува збор за дела во голем формат кои ги создадов од 2007- та година, па до сега. Секој портрет е работен најмалку по три месеци и во континуитет на различни места биле и изложувани. За публката, и за мене, ова е убав момент да си ги видам делата сите заедно и во еден простор“, вели за ДВ Јован Балов.

Хиперреализам со четири емоционални состојби

Првите хиперреалистички портрети во димензија 105 на 115 сантиметри се оние на Лукас и Симон, момчињата познати низ берлински Вединг како „графити хулигани“. Балов педагошки работел со нив во насока графитите да завршат во галерија. И кажува успеале. И момчињата станале познати во својата работа, а и тој по речиси 20 години се вратил на сликарството, на реализмот, на анализата на портретите. Така ги создал портретите на неговите три ќерки, на сопругата, пријателите, мајката, таткото, ликовите кои ги познава само од германската историја, а кои се заслужни за убавата архитектура на Берлин: Фон Менцел, Шинкел, Шадов...

Го прашуваме: откаде кај Балов фотореализмот од осумдесеттите?
„За разлика од американскиот фотореализам, во кој всушност се работи по една фотографија која се зголемува со сликарски материјали и техника, јас во процесот на сликање во портретот спојувам четири фотографии од истиот модел, односно портретот го чинат четири различни емоционални состојби на моделот.

Thomas Braukman

Се’ за Македонија и Балканот дознав преку Јован Балов - Томас Браукман

Поведен сум од тие четири материи, четири принципи, вечниот круг, односно се’ што е со четити функционира и во мојот принцип на анализа на психологијата на карактерот. На пример на портретот на мајка ми левата страна е весела, насмеана, оптимистички распожена. Десната е тажна, полна со меланхолија. Очите горе се исполнети со чекање, а усните долу се израз на лутитина“, појаснува Балов.

Спонтан „трансмисер“ на Балканот во Берлин

Балов го прашуваме: Како се чувствува како посредник, отворач на берлинската сцена за колегите од Македонија и Балканот, поради што многумина го идентификуваат како амбасадор на регионот?

„Воопшто и не планирав да бидам некој кој ќе ги поврзе Берлин со Македонија и балканската уметност. Затоа и за мене големо изненадување беше и доделувањето на медалот и моето прогласување на Херој на балканската култура во Атина, во 2007-та година. После тоа почнав да размислувам во тој правец, но тоа не е моето определување! Јас сум пред се’ уметник. Но, има дел од мене кој сочувствува со колегите. Затоа и одлучив да ја задржам галеријата 'Прима Центар', продолжив да работам со неа и што е можно побрзо да ја претворам во платформа за алтернативната и млада македонска уметност. Одоговрноста е голема. Јас ја познавам берлинската сцена, услови, криктика и многу добро знам кој тука би се вклопил, а кој не. За жал немам секогаш можност и јас не сум тој кој одлучлува кој од балканските земји ќе дојде тука, а кој не. Иако не сносам директна одговорност, сепак се чувствувам одговорен за презентацијата на балканската уметност, а и вечерва останува чувството дека многу луѓе ме гледаат како модератор на балканската уметност и посебно македонската во Берлин“, со доза на возбуда коментира Јован Балов.

Stefan Tierke

Импресивно е да се видат сите портрети на едно место - Стефан Тирке

Дека е навистина така потврдија повеќемина посетители со кои разговаравме. „Се’ што знам за Македонија и воопшто за Балканот, знам од Јован Балов! Тој е вистински амбасадор на Македонија, но и на целиот регион. Ќе кажам само еден пример: многумина воопшто не разбираа што се’ таму се случуваше особено со војните, кризите, политичките збиднувања, консолидирањето, создавањето на новите држави од некогашна Југославија. Јован во Вединг беше и остана оној кој секогаш умее да го објасни менталитетот на својот народ и Балканот. Што се однесува до творештвото, иако не сум човек од уметничката бранша концептот кој го разви околу овие портрети многу ми се допаѓа. И јас живеам во Вединг и следам се’ што се случува на таа сцена. Сега, по повеќе години повторно го гледам портертот на неговата ќерка Ана Мариа. Се сеќавам кога беше создаден, таа не беше ни жена, ни девојче, беше Лолита, вистинска современа Мона Лиза и тоа толку добро се гледаше на нејзиното лице. Еве истото го гледам и сега“, вели Томас Браукман од Вединг.

„Јован е добар уметник, вистински мајстор и пријател. Се радувам што успеа на едно место да ги собере сите овие извонредни портрети. Дел од нив имам веќе видено, но сите заедно на едно место се импресивни. А тоа дека е двигател на македонската и балканската уметност во Берлин е докажано“, коментира и Штеван Тирке.

Ана Доневска Тодорова, признава дека многу не го знае творештвото на Јован Балов. Во Берлин е само една година на докторски студии, но уште на стартот ја имала вистинската адреса - Јован Балов и „Прима Центар“ „амбасадорот на македонската култура во престолнината, кој во толку убаво светло ја претставува и се грижи за луѓето од својата татковина“, подвлекува Доневска Тодорова.