1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јоахим Гаук- Портрет на новиот германски претседател

На претседателските избори во 2010, кога во третиот изборен круг загуби од Кристијан Вулф, беше „победник на срцата“. Денеска (18.03) тој стана претседател на Германија со широка поддршка кај граѓаните.

default

Јоахим Гаук

Како левичарско-либерален конзервативец, можеби како конзервативно-либерален левичар - вака Јоахим Гаук ја опишува својата политичка определба. Со ова тој го цитира полскиот филозоф Лешек Колаковски. Гаук не и’ припаѓа на ниту една партија, но воопшто не е аполитичен. Уште во 1999 година, одредени кругови од Христијанско-социјалната унија сакаа да го вклучат во претседателската трка како противкандидат на Јоханес Рау. Гаук тогаш одби. Исто така во 2004 година, при првата номинација на Хорст Келер, некои во Гаук гледаа идеален кандидат.

Под будното око на Штази

По личното искуство во две диктатури, „слободата“ за Гаук е неговата голема животна тема. Со години неговото име беше поврзано со обработката на минатото во ГДР.

Bildergalerie Joachim Gauck Fürbittandacht in der Marienkirche

Јоахим Гаук во 1989. година држи говор во Росток

Јоахим Гаук е роден во Втората светска војна, на 24 јануари 1940 година во Росток. Голем белег, како што пишува во неговите мемоари, врз него оставила депортацијата во 1951 и четиригодишната робија на татко му во Сибир, поради наводна шпионажа.

Поради овој факт поврзан со неговото семејство и тоа што Гаук не беше член на социјалистичката младинска организација во ГДР, тој не добил можност да студира германистика. Наместо тоа, во 1958 година започнува студии по теологија. Од 1965 година работел како пастор за евангелистичко-лутеранската покраинска црква Мекленбург - прво во Лисо, а потоа и во Росток.

Тој живее под постојан надзор од страна на Министерството за државна безбедност, односно Штази. Гаук во тој период не се гледа себеси како дисидент, туку повеќе како дел од опозиција и во одредена мера заштитен преку институцијата - Евангелистичка црква.

Црквата потоа, во пресвртната 1989 година, играше важна улога. Гаук е портпарол на граѓанското двжење Нов форум од Росток. Тој ги води неделните богослужби и ги предводи големите демонстрации. Од март 1990 година е пратеник на движењето во Народното собрание на ГДР. #bä

Чувар на Штази-оставината

Во Народното собрание презема задача која ќе го окупира цела деценија: зачувување на оставината на Министерството за државна безбедност, Штази. Иако членовите на апаратот за угнетување и поткажувачите започнаа акција на уништување на документите кога веќе се наѕираше крајот на владеењето на Социјалистичката единствена партија на Германија (СЕД), заземањето на објектите на Штази од страна на народот ширум земјата и‘ ставија крај на оваа акција.

На 2 октомври 1990 Јоахим Гаук ќе биде именуван од Народното собрание за „Специјален пратеник за документите поврзани за личности на поранешната Служба за државна безбедност на ГДР“, а еден ден подоцна претседателот Рихард фон Вајцекер и премиерот Хелмут Кол го потврдија на оваа функција. Институцијата со која раководеше во секојдневниот јазик беше наречена „Гаук - институција“.

По два мандата, Гаук во 2000 година и‘ ја предаде палката на Мариане Биртлер. Оттогаш не извршувал политичка функција, и покрај повеќе различни понуди. Меѓутоа, постојано се јавуваше за збор, не секогаш на задоволсво на ГДР-носталгичарите или политичарите кои биле осомничени од Штази.

Bildergalerie Joachim Gauck 1998

Хоаким Гаук во 1998. година во својоство на ополномоштеник за актите на Штази

Симпатии во широки кругови

Оттука не е ни чудо што левото крило меѓу левичарите имаше големи проблеми, левичарско-либералниот конзервативец да биде избран на функцијата Сојузен претседател. Претседателката на Партијата на Левицата Гезине Леч уште пред минатиот избор за претседател во Гаук гледаше „човек на минатото“, кој не поставува „импулси за иднината“. Согласно тоа партијата на Левицата за овој избор ја истакна Беате Кларсфелд како противкандидатка на Гаук. Во другите политички табори, 72-годишниот Гаук има широка поддршка.

Уште летото 2010 година, СПД и Партијата на зелените го номинираа Јоахим Гаук за кандидат за Сојузен претседател. Тоа што не беше избран по ненадејната оставка на Хорст Келер, не влијаеше врз неговата висока репутација. Гаук сега беше заеднички кандидат на пет парламентарни партии - Владејачките ЦДУ, ЦСУ, ФДП како и на опозициските СПД и Партијата на зелените. Тој во моментов според една репрезентативна анкета на Институт Емнид има поддршка кај мнозинството Германци - 54 проценти.

Автор: Михаел Гесат/Симе Недевски

Редактор: Александар Методијев