Јоахим Гаук- една година на функцијата германски претседател | Европа | DW | 18.03.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Јоахим Гаук- една година на функцијата германски претседател

Германскиот претседател, според уставот речиси и да нема законодавна власт. Сепак тој може да дава импулси и да се вклучува во дебата. Што постигна досега Јоахим Гаук во таа насока?

Мина релативно долго време, пред Јоахим Гаук да го оддржи неговиот прв голем говор. Дури во февруари 2013 година - 11 месеци по стапувањето на функцијата- сојузниот претседател во неговата резиденција дворецот Белви во Берлин одржа говор за Европа. Германците сакаат и очекуваат големи говори од нивните претседатели, а Гаук си остави време пред да се реши на тој чекор.

Гаук во говорот се заложи за повеќе Европа и ги повика граѓаните да се вклучат во остварувањето на таа цел: Што ти придонесуваш за тоа? - Гаук милуваше да праша. Оваа мисија го определуваше стилот на сите негови јавни настапи. Тој настојува на директен контакт. Во говорот посветен на Европа на пример, многу новинари мораа да останат надвор, зашто Гаук сакаше да говори пред амбасадорите, претставниците на општествените групи и младите. За време на граѓанскиот собир во градината на дворецот Белви тој покани пред се „нормални“ граѓани, а не само прочуени личности во Германија. Тој не се воздржува од контакт со луѓето на кои секогаш им приоѓа пријателски. Притоа Гаук може да профитира од неговите искуства како протестантски пастир.

Директен контакт со граѓаните

И неговиот однос кон медиумите е определен од неговата цел. Тој избегнува по секоја цена да се осврнува на внатрешно-политичките теми. Неговиот претходник Кристијан Вулф се врежа во медиумската свест со реченицата „Исламот и’ припаѓа на Германија“. Гаук говори премногу повеќеслојно и интелектуално, како да не сака да се редуцира само на една полуреченица. Па сепак и тој ги користи медиумите во своја полза. Тоа го покажа и неговото божикно обраќање, кое го оддржа директно пред телевизиската камера, а не седејќи на маса или стоејќи во група, како што тоа го правеа неговите претходници.

Гаук не се воздржува да упати и директни зборови кон останатите раководни институции во Германија. Канцеларката Ангела Меркел, на пример ја повика на граѓаните подобро да им ги објасни нејзините постапки во процесот на спасување на еврото. Гаук ја испочитува желбата на уставните судии и ја сочека нивната пресуда пред да ги потпише законите за Европските стабилизациски механизми. Ваквото одложување не и беше по волја на владата. Повеќе објаснувања од страна на политиката Гаук побара и при разјаснувањето на серијата убиства извршена од десно-екстренистичката група Националсоцијалистичко подземје.

При неговите посети во странство Гаук од еднастрана го потенцира заедништвото но од другастрана чувствува обврска, која произлегува од заедничката одговорност, да укаже на  неправилностите. Тоа му дава авторитет. Тој ги посети сите соседни земји на Германија, а прва меѓу нив Полска. Таму Гаук ја пофали „полската љубов кон слободата“. Слободата за поранешниот борец за граѓански права во Германската Демократска Република е од есенцијално значење за воопшто да може да се развие граѓанската свест. Во Холандија тој како Германец одржа говор на „Денот на ослободување од националсоцијализмот“.

Големо медиумско ехо и многу пофалби тој доби за неговата посета на Израел. Гаук во Ерусалим невообичаено долго разговараше со премиерот Бенјамин Нетанјаху и храбро го замоли за „сигнал во политиката на доселување“, која е клучна за повторното заживување на блискоисточниот мировен процес.

Надеж во младите

73-годишниот Гаук е особено жив кога се среќава со млади луѓе. Слуша внимателно, што го прашуваат и сака да им понуди мудри мисли. Тој полага многу надеж во младите генерации, кои се слободни од искуствата на германските диктатури. Во нивното секојдневие тој препознава дека неговата татковина се променила: „Вашата Германија за вас е земја со луѓе од различно потекло и религија. И тоа се подразбира само по себе“, изјави Гаук за време на „Конферецијата на млади муслимани“. Интеграцијата успева само преку заедничкото секојдневие на младите, верува Гаук.

Стилот на Гаук наидува на добри реакции кај Германците. Тројца од четворица Германци според анкетите се задоволни од неговата работа. Само секој десетти испитаник гледа критички насториено кон сојузниот претседател. Занимливо е дека овие вредности речиси и да не се имаат променето од моментот кога стапи на функцијата пред една година. Сојузниот претседател изгледа дека досега не направил многу грешки - меѓутоа не стана ниту ѕвезда.