1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЈИЕ: Нема соочување со минатото

На заеднички учебник по историја за Југоисточна Европа се‘ уште се чека. Предрасуди меѓу граѓаните на ЈИЕ и натаму има, исто како што и натаму егзистираат контроверзните ставови околу заедничката историја.

Ова се дел од заклучоците од анализата на медиумските програми што ја направи фондацијата „Конрад Аденауер“ во Софија. Студијата беше објавена во април годинава.

Кога бугарската историчарка на уметноста Мартина Балева пред пет години сакаше на еден научен собир да ги претстави антиисламистичките стереотипи во Бугарија на примерот на митот за „Масакрот во Батак“, таа на бугарската телевизија и во најтиражните весници беше изложена на жестоки критики и закани со убиство. Во местото Батак, во денешна Бугарија, во 1876 година било задушено востанието на населението против Османлиите, а повеќе илјади луѓе биле брутално убиени - масакрот е дел од „националните митови“ во Бугарија. Бугарскиот антрополог Овајло Дичев тогашната ситуација ја опишува вака: „Медиумите во стилот на добрата комунистичка традиција секојдневно прикажуваа обични луѓе и ученици кои беа огорчени од наводниот обид за преправање на историјата.“ Балева стравуваше за својот живот и избега во странство.

Исто така непосакувано е и медиумското соочување со принудното преименување и протерувањето на турското малцинство во Бугарија непосредно пред пресвртот во 1989 година. „Само околу 20 новинари во земјата досега се занимавале со државното потиснување на населението со турско потекло и со комунистичките логори за работа“, вели Кристијан Шпар, раководител на програмата за медиуми на ЈИЕ во фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС).

Парцијално и несистематско соочување

Според него, во пристапот кон соочувањето со минатото од страна на медиумите од ЈИЕ се карактеристични „молчење и скандализирање“. Тоа го покажува не само погледот врз комунистичката епоха, туку и пристапот на медиумите кон војните во екс Југославија во 1990-тите. Во двата случаи нема доволно квлатитетно известување, оценува Шпар, додавајќи дека особено недостига критичка саморефлексија на медиумите:

Christian Spahr vom Medienprogramm der Konrad-Adenauer-Stiftung

Кристијан Шпар

„Тоа, се разбира, не е само прашање на медиумите, туку и прашање на политичка дебата и политичка култура во одделни земји. За идентификација на општеството со новиот политички систем е важно соочување со стариот“, изјави Шпар за ДВ. Меѓутоа, тоа соочување, како во Бугарија, така и во другите земји на Западен Балкан, не се одвива систематски, нема длабочина и е многу парцијално.

На пример, во известувањето во земјите од Западен Балкан се‘ уште се раширени „етничките перспективи“, како кога станува збор, на пример, за војните во Југославија: „Тоа значи, релативно често се случува да се пренагаласуваат злосторствата на другите, а да се минимизираат сопствените злосторства. Тоа доведува до тоа погледот врз минатото таму да е се‘ уште многу едностран.“

Што се однесува до соочувањето со комунистичкото минато на Бугарија, Кристијан Шпар засега не е голем оптимист. Во општеството се‘ уште нема темелен консензус кој е неопходен за да се обработи минатото и да се извлечат поуки од него. Освен тоа, досега не се случи ниту консеквентно расчистување со старите елити, што важи и за сферата на медиумите. Така е и во земјите на Западен Балкан - во 1990-тите години медиумите ги презедоа претставниците на поранешната комунистичка елита, кои немаат интерес од соочување. Освен тоа, како што се вели во анализата на КАС, суштинско соочување со минатото е отежнато и и поради тоа што во цела ЈИЕ има тренд кон булеварско новинарство.

NO FLASH Medien in Bosnien

Друга пречка е што голем број сопственици на медиуми во регионот не се традиционални публицисти, туку се разбираат себеси како четврта власт и политичка контролна инстанца во демократијата. „Јавна тајна во браншата е дека многу медиуми не се економски самостојни и дека не се разистентни на екстерни приливи на пари, било да е тоа од државниот сектор или од економски групи“, нагласува Шпар. Оттука, според него, во многу делови инвеститорите, кои  „не се покажуваат јавно“, имаат свое влијание. За тоа да се промени би морало да се промени пред се‘ економскиот темел на медиумите во регионот.

Кристијан Шпар очекува посилна консолидација на медиумскиот пазар во ЈИЕ, со оглед на тоа што дел од актуелните медиуми не можат да преживеат. Сепак, приватизациите во медиумската сфера, според него, не се недвосмислено и благодет, поради тоа што сопствениците немаат секогаш цврста претстава за улогата на печатот и етичките стандарди. А токму придржувањето до тие стандарди би можело да ја зајакне повторно довербата на граѓаните од ЈИЕ во медиумите и да ги направи медиумите клуч за промена на политичката свест.