1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Јерон Дејселблом го замени Жан-Клод Јункер на чело на Еврогрупата

Министрите за финансии на еврозоната го избраа Јерон Дејселблум за нов шеф на еврогрупата. Шпанија беше единствената земја која гласаше против Холанѓанецот, додека Франција изнесе многу забелешки за неговата кандидатура.

Претседателот на Еврогрупата во заминување Жан Клод Јункер, како по обичај, беше ироничен. Кусо пред средбата на министрите за финансии од еврозоната, Јункер рече дека чувствува одредена меланхолија поради заминувањето од функцијата, но во истовреме и олеснување.

„Среќен сум што ќе си заминам од оваа зграда. Во последниве шест месеци постојано викав: Кој ќе ме извлече одовде?!“

Осум години Јункер се обидуваше да посредува меѓу спротивставените интереси на 17 земји членки на еврозоната, а последниве години мораше да игра улога на медијатор во, веројатно, најтешката финансиска криза која ја погодила Европа.

Euro Finazminister Treffen Brüssel

Жан Клод Јункер

Францускиот министер за финансии Пиер Московици го пофали Јункер поради тоа што успеал да создаде рамнотежа меѓу северните и јужните држави.

„Баланс меѓу земјите од северот и југот, баланс меѓу неопходноста од штедење и потребата за раст, баланс меѓу перспективите на Франција и на Германија“, рече Московици.

Штедење или раст

Се’ до минатата недела, Французите имаа забелешки на изборот на Јерон Дејселблум како наследник на Јункер. Париз смета дека Холанѓанецот е премногу насочен кон политика на штедење, наместо да се фокусира на раст. Тоа беше и причината поради која француската влада го спречи изборот на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, што на крајот и доведе до номинацијата на Дејселблом. На крајот, францускиот министер сепак гласаше за него.

Но, на големо изненадување, против Дејселблом се изјасни шпанскиот министер за финансии Луис Де Гуиндос. Досега Де Гуиндос не ги соопшти причините за тоа, но медиумите шпекулираат дека Мадрид е незадоволен што на чело на групата повторно застанува кандидат од северните држави.

Дејселблом во дипломатски манир, изјави дека не гледа никаков конфликт меѓу растот и штедењето. Тој верува дека обете политики треба да се преземаат истовремено, но сепак, повеќе е насочен кон штедењето.

Zypern griechische Bank in Nikosia

Под лупа и работата на кипарските банки

„Мораме да ги ставиме буџетите под контрола. Тоа ќе ни помогне да креираме нов раст за да инвестираме во работни места и образование“.

Наспроти него, експертите во Париз повеќе внимание му посветуваат на растот. Според нивната филозофија, државата треба да создаде раст преку стимулации, а потоа буџетот да се балансира преку новите приходи. Од овој аспект, Дејселблом веројатно ќе има тешка задача да ги задоволи очекувањата на Франција и другите земји кои ја делат нејзината визија. Но новиот шеф на Еврогрупата има верба во иднината. Тој вели дека постои „нова основа за доверба во еврото“.

Нема пари за Кипар

Во Еврогрупата вчера се разговараше за барањето на Кипар за финансиска помош. Одговорот до Никозија повторно беше негативен. Брисел веројатно го очекува исходот од претседателските избори на островот закажани за февруари. Постои и незадоволство од начинот на кој кипарскиот претседател, комунистот Димитрис Кристофиас реагираше на фискалните препораки од Брисел. Тој ја отфрли програмата за приватизација која му ја предложи германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.

Минатата недела, разлутениот Кристофиас ги отфрли сомневањата дека богатите Руси и други даночни измамници го користат Кипар како „пералница на пари“. Но Еврогрупата одлучи одблизу да ја испита состојбата на медитеранскиот остров.