1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јеремиќ се кандидираше и - победи!

Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ е нов претседател на Генералното собрание на ОН. Од оваа функција не може да се спроведува државна политика, но може да се промовира, изјави тој.

За министерот за надворешни работи на Србија на заседанието (08.06.2012) гласаа 99 делегати, а за другиот кандидат, амбасадорот на Литванија во ОН, Далиус Чекуолис - 85 делегати.

„Тоа нема да биде лесна задача, ќе мораме да работиме за сите членки. Ова не е место од кое можете да спроведувате своја државна политика, но секако е место од кое можете да ја промовирате. Светот од Србија очекува лидерство, водење и умереност. Јас сум убеден дека ние како земја ќе можеме да одговориме на овие предизвици. Ова е важен ден за нашата земја. Ова е победа за Србија, која 20 години беше исклучена од ОН“, изјави Јеремиќ, дополнувајќи дека следната година ќе биде полна предизвици за светскиот мир и стабилност и дека Генералното собрание на ОН ќе расправа „за сите светски проблеми во таа тешка година“.

Deutschland Außenminister Guido Westerwelle im Bundestag

Гидо Вестервеле

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле му го честиташе изборот на Јеремиќ, посакувајќи му „да има среќна рака“, зашто на функцијата стапува во „време кога Генералното собрание се соочува со важни глобални прашања за мирот и стабилноста во светот, развојот и заштитата на околината, човековите права и хуманитарни прашања“.

Со изборот на Вук Јеремиќ за претседател на 67. Генерално собрание на ОН е окончана повеќемесечната дипломатска борба на Србија и Литванија.

Германската агенција ДПА констатира дека Јеремиќ се кандидираше пред само четири месеци и победи. Дипломатите во Њујорк, според ДПА, силно го критикувале задкулисното лобирање на Русија за 36-годишниот Јеремиќ, што раѓа сомнежи во неговата неутралност.

Керим му го честита назначувањето на Јеремиќ

Поранешниот претседател на 62. заседание на Генералното собрание на ОН Срѓан Керим му го честита на српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ назначувањето за претседател на 67. сесија на Генералното собрание на ОН.

Srgjan Kerim ist neuer Präsident der UN Vollversammlung

Срѓан Керим

„Вашиот избор претставува значајно признание за Република Србија во рамките на Обединетите нации, а за Вас лично голема можност да дадете личен придонес кон меѓународната афирмација на Вашата држава и да ги координирате и насочувате активностите на Генералното собрание како централен орган на ОН кон остварувањето на глобалните цели и принципи на Повелбата на Светската организација“, се вели во честитката од Керим до Јеремиќ.

„Верувам“, се нагласува, „дека ќе ги вложите сите Ваши сили и дипломатски квалитети во извршувањето на оваа исклучително значајна функција во меѓународни размери и лично Ви стојам на располагање како поранешен претседавач во текот на подготовките за започнување на извршувањето на Вашата функција во септември 2012. година“.

Вук Јеремиќ е трет претседавач со Генералното собрание на ОН од просторите на бивша Југославија, по југословенскиот дипломат, Лазар Мојсов од Македонија во 1977. година и Срѓан Керим, исто така од Македонија, во 2007. година.