1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јеремиќ бара истрага за трговија со органи под мандат на ОН

Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ денеска (29.02.2012) имаше обраќање пред Советот на ОН за човекови права во Женева.

default

Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ

Шефот на српската дипломатија Вук Јеремиќ од Советот на ОН за човекови права во Женева побара истрагата за трговијата со човечки органи на Косово и во Албанија да се води под мандатот на Советот за безбедност на ОН, предупредувајќи за сериозни прекршувања на правата на косовските Срби.

Моментално истрагата му е доверена на специјален тим на мисијата на ЕУ на Косово (ЕУЛЕКС), водена од обвинителот Џон Клинт Вилијамсон.

Јеремиќ истакна дека само една независна и транспарентна истрага под покровителство на ОН, неограничена од време или територијално судство, може да ја открие вистината за трговијата со органи на Косово и во Албанија.

„Србија настојува специјалните известувачи на ОН да посветат посебно внимание по ова прашање, а сите земји-членки да ја поддржат српската иницијатива во рамки на ОН за состав на конвенција за илегалната трговија со органи“, нагласи Јеремиќ пред Советот за човекови права.

Тој потсети дека поминала една година од објавувањето на извештајот на Советот на Европа, кој содржел детална информација за вадењето на човечки органи и трговија со нив пред, за време и по конфликтот на Косово во 1999 година.

„Нашиот став е дека таквите злосторства треба да се сметаат за злосторства против човештвото, а кога се извршени за време на војна и за воени злосторства“, додаде шефот на српската дипломатија.

Јеремиќ предупреди и за многубројни прекршувања на правата на косовските Срби по објавувањето на независност, оценувајќи ги како „етнички мотивирани убиства, напади, грабежи, опожарувања, присвојување на приватна сопственост, осквернавување и уништување на гробови и религиозни храмови“.

Автор: СН/ АТ/ миа

Редактор: А.Трајковска