1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јемен - ново легло на терористите?

Како може Германија да помогне во стабилизирањето на Јемен и што да се преземе за земјата да не стане засолниште на терористите на Ал Каеда? Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле денеска е во Сана.

default

Неопходно е засилување на структурите на власта во земјата

Сиромашна, заостаната и се‘ поопасна држава - ситуацијата во Јемен во меѓувреме му задава грижи и на шефот на германската дипломатија. Вообичаено, при патување во проблематични региони, посетата беше официјално потврдена во последна минута. Претходно, Гидо Вестервеле ситуацијата во Јемен ја сондираше преку разговорите во Саудиска Арабија и Катар, двете влијателни држави во регионот. Во Ријад тој изјави дека Германија има особено голем интерес од стабилен Јемен, кој не смее да се претвори во легло на терористите, за што плодна почва е тамошната нестабилност.

„Ако сега навреме се преземат вистински иницијативи, од една страна стабилизирачки, од друга страна на владата во Јемен да и‘ се формулира очекувањето од соодветен курс кој таа треба да го води, тогаш постои шанса да се спречи неповолниот развој и да се сврти кон подобро“, изјави Вестервеле.

Земја со куп проблеми

Јемен е една од најсиромашните држави во светот и во последно време станува се‘ понестабилен. Според експерите, му се заканува колапс, во државата владее длабока поделеност преку граѓанската војна на север, сеператистичките тенденции на југ, масивната корупција и многу активната терористичка сцена, во која доминира Ал Каеда. Нигерискиот атентатор, кој на Божик изведе неуспешен обид за атентат на американски патнички авион при влезот во САД, бил обучуван од Ал Каеда токму во Јемен. Безбедносните аналитичари тамошната ќелија на терористичката мрежа ја сметаат за една од најопасните во светот.

Kämpfe im Jemen

Со години се водат борби против бунтовнички групи

Јемен важи за нова татковина на втората генерација на Ал Каеда, која претставува опасна мешавина. Гидо Штајнберг, експерт за Блискиот исток во фондацијата „Наука и политика“ стравува дека Јемен може да прерасне во втора Сомалија, пропадната држава, со далекусежни последици:

„Прво, сите овие проблеми во Јемен се локални, досега не ескалираа во поголема форма. Но, тоа ќе се промени во моментот, во кој, според впечатокот на соседите, оваа земја ќе доживее слом. Тогаш повеќе сили ќе се обидат да ги заштитат своите тамошни интереси.“

Неопходност од меѓународен пристап

Ако Јемен доживе распад, тогаш, на пример, ќе биде загрозена поморската рута низ Црвеното Море и Аденскиот Залив, една од главните во светот. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле затоа се залага за интернационален приод во стаблизирањето на Јемен.

„Ние сме подготвени за оваа тема да разговараме на маргините на конференцијата за Авганистан. За нас е решавачко да ги зајакнеме државните институци во Јемен до степен на кој ќе можат да се грижат за безбедноста, до степен на ефикасен однос против криминалот и терористите.“

Особено опасна е ситуацијата со граѓанската војна во северниот дел на Јемен, која последниве месеци е се‘ поинтензивна. Судирот меѓу Хуту бунтовниците и владата веќе предизвика воена интервенција од соседната Саудиска Арабија. Јемен меѓутоа и без насилството се наоѓа пред големи предизвици. Производството на нафта опаѓа, со што на државата и‘ недостасуваат итно потребните пари. Саудиска Арабија неодамна помогна со две милијарди долари, во спротивно се закануваше пропаст на буџетот. Освен тоа, постојат големи проблеми со водоснабдувањето во Јемен.

Автор: Кристоф Грабенхајнрих / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска