1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Ја зедов боицата во уста и нацртав цвет“

Во Охрид се одржа Четвртата меѓународна ликовна колонија на телесно инвалидизирани лица. Преку платната тие ја покажаа енергијата, волјата за живот и дружење. Роза Мојсовска е една од нив. Слика со уста и твори песни.

Роза (на фотографијата горе) е родена во Скопје во 1966 година со телесен хендикеп на рацете и нозете. Цели 9 години се лекувала во Белград .Безуспешно е оперирана седум пати. Болеста и‘ оставила длабоки траги и последици. Таа е целосен инвалид, но не се предава.  „Бев оперирана на рацете и не можев да цртам. Беше празник, осми март, тогаш сите деца цртаа и јас сакав да цртам. Имав само 7 години. Ја зедов боицата во уста и нацртав цвет. Учителките видоа дека убаво цртам и се восхитија , но јас се срамев. Се криев во соба за да цртам. Не сакав јавноста да знае дека цртам на посебен начин.“

„Ја имам надежта

Од јули 1976 до денес Роза живее во Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско кај Струмица:

Немав услови да живеам дома, бидејќи живееме во зграда. Тешко беше, ама мораш да се навикнеш. Таму  создадов семејство, имам многу сестри и браќа еден куп“, со широка насмевка вели Роза. „Во јавност започнав да се појавувам во1996 година. Го прочитав Светото писмо, ги запознав жртвите на  Исус Христос. Неговата љубов кон нас е голема инспирација за мене. Си велам, тој Бог, а јас обична жена. И решив да и‘ покажам на јавноста дека умеам да цртам со уста“.

Maler-Kolonie in Ohrid

Учесници на ликовната колонија во Охрид

И покрај тешката ограниченост, таа пишува и поезија. Зад себе има четири стихозбирки. Најновата од пред 2 години е насловена „Ја имам надежта“:

„Моите желби и визии ги пренесувам низ песните и сликите. Така ги искажувам чувствата и надежите за смислата на мојот живот.“

Роза му се насмевнува на животот, иако тој не бил најправеден кон неа. „Сите луѓе се потенцијални инвалиди. Никој не знае што го чека во животот. Сакам да им докажам на луѓето дека ние инвалидите можеме да работиме. Без разлика што немам нозе, раце. Сепак имаме ум, знаеме да твориме.“  Уметникот  Димитар Малиданов целосно ја поддржал во намерите да се занимава со сликање. Сегашниот  нејзин пријател и колега Војко Гашперут – Гашпер од Копар, Словенија, во 2005 година ја зачленил  во Светското здружение на лица кои цртаат со уста и нозе.

Сликаме, патуваме, се дружиме, не мислиме на инвалидноста

Војко во Охрид беше придружуван од сопругата, вели дека е фасциниран од убавините и собрал многу инспирација за своите дела. И тој слика со уста:

„Досега во меѓународното здружение формирано во 1956 година не‘ има над 840 луѓе кои цртаме со нога или уста. Преку организацијата дадена ни е шанса да твориме и да бидеме наградени за да имаме за живот. Свртен сум внатре

Vojko Gasperut-Gasper

Војко Гашперут-Гашпер

кон себе , наместо надвор, како на пример Роза. Имам премногу работилници и животот ми се врти само околу сликарството. Единствено кога ќе се дупне гумата на количката, тогаш забележувам дека нешто не е во ред. Инаку, немам време да размислувам за инвалидноста. Нормално ми треба туѓа нега. Секој ден се среќавам со своите проблеми и кризи, но преку тоа може да се премине. На пример, со Роза не зборуваме за нашите проблеми, туку за сликарството, боите и каде да одиме на изложба. И за нас сонцето грее. Знаеме дека таа силна енергија што сме ја добиле од Бога мора да им ја дадеме и на другите. Папата Војтила рекол: ’Вие сте тие кои ја гледате убавината, ве молиме да ни ја покажете и нам’. Често патувам. Сега сум во Македонија, па во Њујорк, во Германија, Амстердам. Целиот живот го подредив на сликарството и доаѓа по некоја пара за да можам да патувам. Сум добил многу награди. Најчесто цртам пејзажи во акрилик. Сакам да цртам и фигури и графика“, вели Војко.

Пишувајте за нас и нашите проблеми – ние сме тука!

И Роза не заостанува со изложбите, ги имала многу. Изложувала во Ватикан, Швајцарија, Бугарија... 

„Повеќе подарувам, отколку што продавам слики. Цртам пејзажи, цвеќе и портрети. Зависно од моето расположение, така  изгледат и портретираните. Најубаво ми е кога шетам. Во последно време многу сум пред компјутер“, признава Роза, и додава:  „Има многу интересни работи, учам многу за уметноста и имам многу пријатели со кои се допишувам, контактирам преку интернет. Тоа ми е уште е ден прозорец кон светот“, вели таа. 

Колонијата во Охрид ја организираше здужението „Мобилност “ од Скопје. Следното среќавање на овие исклучителни уметници ќе биде во Нови Кнежевац, во Србија, открива една од организаторките на таа средба, Славица Зориќ. Таа вели дека нивната колонија годинава ќе се одржи по 11. пат. На разделба, учесниците на колонијата во Охрид заедно порачуваат: „Пишувајте повеќе, не само вие ,туку и сите медиуми за секојдневните проблеми кои ги имаме. Недостигот од пристапни рампи, затвореноста на институциите, неприспособените улици и паркиралишта за нас. Само тоа не‘ двои од обичниот свет. Го сакаме животот, помогнете ни за да си помогнете и себеси. “