1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Јацењук најави болни реформи, Крим се подготвува за референдум

Новиот украински премиер Арсениј Јацењук во парламентот најави непопуларни реформи за да се стабилизира земјата. Во Крим и натаму тензично. Проруските политичари најавуваат референдум за иднината на полуостровот

На Украина ќе и‘ бидат потребни длабоки реформи за да се избегне економски и политички колапс, порача новоизбраниот премиер Арсени Јацењук во обраќање до парламентот во Киев. Јацењук смета дека иднината на земјата е во ЕУ, но и во пријателски односи со Русија.

Новиот премиер најави итен аранжман со ММФ кој треба да помогне да се санира катастрофалната состојба во економијата. Притоа, Јацењук рече и дека во изминатите три години од Украина се одлеале околу 70 милијарди долари во Офшор земји.

Јацењук соопшти дека неговата земја не сака судир со Русија, но во истовреме нема да прифати отцепување на регионот на Крим, каде вооружени лица денеска окупираа повеќе згради на локалната власт и на нив развеаја руски знамиња.

39-годишниот Јацењук попладнево беше потврден од парламентот за нов

Ukraine Krim Simferopol Parlament besetzt Flagge

Руско знаме на зградата на парламентот во Крим

премиер, по уривањето од власт на претседателот Виктор Јанукович и неговата влада.

Предупредувања до Москва

Состојбата на полуостровот Крим, каде мнозинското население го сочинуваат Руси, и денеска е тензична. Новите украински власти ја предупредија Русија да се придржува до договорите и да не дозволи нејзините воени сили да ја напуштаат црноморската поморска база. Нервозата порасна откако вчера рускиот претседател Владимир Путин нареди изведување воени вежби и подигнување на воената готовност на руската армија во регионот.

Претставник на руското министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Русија ќе се придржува до договорот за поморската база Севастопол. Вршителот на должноста украински претседател Олександар Турчинов оцени дека евентуалното напуштање на базата на руските трупи ќе се „смета за воена агресија“.

Слична порака до Москва упати и генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен. „Ја повикувам Русија да не прави ништо што би можело да предизвика заострување на насилството или недоразбирања“, рече Расмусен. Окупирањето на зградите на владата и на регионалниот парламент во Крим, Расмусен ги оцени како „опасни и неодговорни“.

Референдум во Крим

Ukraine Parlament in Kiew Oleksander Turchinov

Олександер Турчинов

Од друга страна, парламентот во Крим денеска најави референдум за иднината на автономната област во која мнозинското население се Руси. Референдумот ќе се однесува на „унапредување на статусот на автономија и проширување на неговите овластувања“. Премиерот на Крим, Анатолиј Мохилијов претходно го повика населението на „воздржаност и мирно решавање на кризата“. Крим беше во составот на Русија до 1954. година, кога по налог на тогашниот претседател Никита Хрушчов и‘ е припоен на Украина.

До јавноста денеска се обрати и поранешниот претседател Виктор Јанукович, кој себеси сѐ уште се смета за легитимен шеф на државата. Иако нема официјална потврда, повеќе медиуми јавуваат дека Јанукович е во Москва каде и формално му е одобрена заштита од руските власти.

„Одлуките кои ги усвојува парламентот во отсуство на бројни членови на Партијата на регионите и на други партии кои стравуваат за својата безбедност, се незаконски“, наведе Јанукович. Тој смета дека „е јасно“ оти народот на југоистокот на Украина и во Крим „не го прифаќа безвластието и хаосот во земјата, кога министрите ги бира масата на плоштад“.