1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Јарецот Хенес носи среќа на ФК Келн

Јарецот Хенес е жива маскота на фудбалскиот клуб Келн. Од 1950-та година тој е присутен на секој домашен натпревар на келнскиот клуб. За да се одржи оваа традиција, треба да се вложи многу труд.

Во околината на Келн, на западната страна од градот, се наоѓа мал земјоделски имот. Местото е сосема невпечатливо, ако се занемари големото знаме на фудбалскиот клуб Келн кое виси на оградата. И секако, натписот кој ги известува минувачите дека ова е „Домот на Хенес“.

Bundesliga Kölns Maskottchen Hennes' Betreuerin

Хилдегард Шефер ја наследи грижата за јарецот Хенес од својот сопруг, но не може да го носи на фудбалски натпревари

Попрецизно, тоа е домот на Хенес VIII. Се работи за јарец кој како своја маскота го обожуваат навивачите на ФК Келн. Имотот всушност е дом на семејството Шефер, кое традиционално одгледува кози.

Вилхелм Шефер се грижеше за најпознатиот келнски јарец повеќе од 20 години, се‘ до својата смрт во 2006-та. Шефер беше вистинска клупска икона и често го поздравуваа со овации, кога пред натпреварот ќе прошеташе со својот Хенес на стадионот.

Подготовки

По неговата смрт, работата и грижата околу Хенес ја презема неговата сопругата Хилдегард. Но, и таа не е во состојба секој викенд сама да го носи Хенес на стадион. 50 килограми тешкото животно знае да се вознемири без никаква најава, посебно кога е опкружено со бројни навивачи.

Сега на натпревар на поводник го води Инго Рајпка. Тој за таа работа се пријавил доброволно, уште пред десет години. Во 2007-ма конечно му е укажана честа да се грижи за Хенес.

„Не ми требаше многу за де се одлучам да ја прифатам понудата на клубот“, вели тој и додава: „Фудбалот ми е во крв“. Неговиот ентузијазам е разбирлив. На крајот од краиштата, Рајпка и Хенес имаат најдобри седишта што може да се добијат, на само два метри оддалеченост од акцијата на теренот. Единствено незгодно, ако воопшто може да се каже дека оваа работа има негативни страни, е што пропуштањето на натпреварите на домашен терен не доаѓа предвид. И годишните одмори се планираат во согласност со распоредот на натпреварите, вели Рајпка.

Bundesliga Kölns Maskottchen Hennes' Betreuerin

Исчеткан, облечен во јакна од фудбалскиот клуб Келн и со полирани рогови јарецот Хенес е подготвен за натпревар

Во низата задолженија на Рајпка спаѓа и подготвувањето на Хенес за настап пред камерите. Најпрво добро го четка, а потоа му навлекува специјално за него скроена јакна од ФК Келн. Потоа му ги полира роговите и полни голема торба со моркови, за Хенес да не прегладне во текот на натпреварот.

Долга традиција

Bundesliga Kölns Maskottchen Hennes

Тренерот Хенес Вајсвајлер е „виновен“ за името на маскотата на фудбалскиот клуб Келн

Според преданието, првиот Хенес дошол во клубот како шеговит подарок. Во 1950-та година, две години откако е формиран ФК Келн, еден сопственик на циркус за време на карневалската свеченост на тогашниот тренер Хенес Вајсвајлер му подарил јарец.

Вајсвајлер, кој и не бил баш сигурен како да реагира на тоа важно општествено случување и на овој исклучителен подарок, решил да го прифати. Животното веднаш добило име Хенес и набрзо почнале да го носат на натпревари.

Денес јарецот Хенес е едно од најпрепознатливите клупски обележја. Статусот му е потврден и со печатење на неговиот лик на дресовите на играчите. Тој е поголем дури и од прочуената келнска катедрала, на чии кули ги потпира своите копита – како што е претставен на амблемот на клубот. Имено, Хенес може да се мери во однос на ѕвездениот статус единствено со главниот клупски напаѓач Лукас Подолски.

Logo 1 FC Köln Fußball-Bundesliga

Логото на ФК Келн

Сепак, најуспешна клупска амајлија досега беше Хенес IV кој владееше и во 1978 година, кога ФК Келн ја освои титулата германски првак, како и германскиот куп.

Денес, кога ФК Келн мора да се задоволи со скромните амбиции, може да се рече дека ниту владеењето на Хенес VIII не е така лошо. Откако во 2008-ма стапи на својата функција, Келн цело време успеа да се одржи во првата лига.

Актуелниот Хенес од анонимноста на земјоделскиот имот во Бергиш Гладбах го извлекоа навивачите, гласајќи за него преку интернет. А, Рејпка мораше само да го фати, да го смири и да го донесе во Келн.