1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јап де Хоп Шефер: НАТО останува во Авганистан!

Веднаш по самоубиствениот атентат врз германските војници во градот Кундус, генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер отпатува во САД на разговори околу натамошната стратегија во Авганистан. На разговорите со американскиот претседател Џорџ Буш уште еднаш било наглсаено дека повлекувањето на меѓународните ИСАФ сили не доаѓа предвид.

Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер

Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер

По враќањето од САД Шефер специјално за Дојче Веле ги појасни стратешките определби на НАТО за Авганистан. Со него за време на поморските маневри на Алијансата во Јужна Италија поразговара Бернд Ригерт.

Јап де Хоп Шефер ја пофали германската влада што нема намера да ги повлече војниците на Бундесверот од Авганистан и покрај најновиот самоубиствен атентат во Кундус:

“Германските жртви се секако драматични, го изразувам и моето сочуство. Но, многу е важно тоа што канцеларката Меркел нагласи оти ќе останеме во Авганистан за да ги поддржиме нашите пријатели во земјата, тамошната влада, како и граѓаните при обновата и развојот на нивната земја.“

Шефер се сложува со претседателот Џорџ Буш дека мора да продолжи борбата против радикалните талибански милисии. Но, во исто време нагласува дека тоа не смее да стане цел сама по себе:

“Ние не сме присутни таму за да убиеме што е можно повеќе Талибанци.“

Војниците од меѓународните сили на ИСАФ, појаснува Шефер, се многу повеќе таму за да обезбедат сигурни услови за обнова на земјата и државните структури. На тоа поле се веќе постигнати големи успеси, иако во медиумите доминираат секако негативните информации за цивилни жртви:

“Она што се гледа на телевизија се страшните работи, тоа се атентати, напади, тоа го видовме и по убиството на германските војници. Но, можам да ви кажам дека одговорноста за најголемиот број цивилни жртви во Авганистан лежи врз плеќите на Талибанците, а не НАТО силите.“

Генералниот секретар со скепса гледа на барањата за промена на стратегијата на Алијансата во Авганистан. Сите командни структури вложуваат големи напори за одбегнување на цивилни жртви, но тоа е тешко бидејќи талибанските милиции намерно се кријат меѓу цивилното население:

“За жал, велам за жал, е неизбежно да има и цивилни жртви. Сепак, НАТО на морален план се наоѓа во сосема друга категорија од Талибанците, бидејќи ние не поставуваме бомби на улица и не испраќаме атентатори самоубијци.“

Што се однесува до завршувањето на мисијата во Авганистан, Јап Де Хоп Шефер, за сега не може да види некоја временска рамка за таков чекор. Кај населението во Германија меѓутоа се намалува трпението. Непосредно по загинувањето на трите германски војници во Кундус анктетите покажаа дека дури 55% од испитаниците се за повлекување на 3.000 војници на Бундесверот од Авганистан.