1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јапонците не се во паника поради заканите од Северна Кореја

Иако главниот град на Јужна Кореја се наоѓа во дострелот на севернокорејската артилерија, на улиците на Сеул е мирно. Паника нема ни кај другиот „непријател“ на Пјонгјанг-Јапонија. Сепак, властите се подготвени на се’.

Противрактетните системи во центарот на Токио се подготвени за напад а јапонски воени бродови веќе ги набљудуваат ракетите испалени од Корејскиот полуостров. Сепак жителите на Јапонија главно сметаат дека Ким Јонг Ун не е толку лекомислен и навистина да ги нападне своите соседи.

Од врвовите на солитерите на округот Ичигаја во центарот на Токио јасно се гледаат неколку маслинесто-зелени противракетни батерии, сместени во дворот на министерството за одбрана. Цевките на противракетните системи се се’ уште покриени а пресретнувачките проектили од типот „Патриот“ кои се наоѓаат во тие цевки, ќе се активираат единствено доколку Северна Кореја преземе драстични мерки со кои ќе ја загрози безбедноста на Јапонија и нејзиниот народ, наведува јапонската влада.

Истовремено луѓето во земјата не се грижат премногу за острите закани кои од Пјонгјанг стигнуваат секој ден. Граѓаните сметаат дека режимот на Ким Јонг Ун ја преувеличува својата важност.

Japan Verteidigungsminister Itsunori Onodera

јапонскиот министер за одбрана Ицунори Онодера

„Владата навистина нема друг избор освен сериозно да ја сфати ситуацијата. Веројатно поради тоа овде стационираа проектили, но не мислам дека Северна Кореја навистина ќе стори нешто непресметливо за да предизвика конфликт“, вели Харујуки Јошида, деловен човек од Токио. Тој претпоставува дека Пјонгјанг има способност да испали проектили кон Јапонија, но не верува дека ќе дојде до тоа: „Мораат да знааат што ќе се случи ако сторат такво нешто“, вели Јошида.

Војската во состојба на борбена готовност

Истовремено јапонската власа не е толку безгрижна. Министерот за одбрана Ицунори Онодера вчера соопшти дека армијата е на највисок степен на борбена готовност: „Се наоѓаме во состојба на целосна готовност и ќе продолжиме да бидеме будни“, изјави министерот. Премиерот Шинзо Абе пак на одвоена прес конференција изјави: „Вложуваме напори да ги заштитиме животите на нашите граѓани и да ја оосигураме нивната безбедност“.

За да се заштити Токио, проектили „Патриот“ се поставени во центарот на градот како и во базите на силите за одбрана во префектурите Саизама и Чиба. Покрај тоа, овие противракетни системи се распоредени и во префектурата Гифу како и во Окинава, каде што е сместено мнозинството од американските војници стационирани во Јапонија. Имено на Окинава се наоѓаат две третини од американските воени и поморски бази во Јапонија а овој остров е идеално место за набљудување на активностите на кинеската војска во регионот.

Јапонија распореди и најмодерни бродови од тимот „Ејгис“ во Јапонското море со задача да ги соборат евентуалните проектили од Северна Кореја доколку му се приближат на јапонскиот воздушен простор.

Вербални напади врз Јапонија

Државните медиуми во Северна Кореја во понеделникот остро ја нападнаа јапонската влада. Повод беше јапонската критика за провокативните изјави и активности на Пјонгјанг. „Јапонските власти се обидуваат одговорноста за се’ поголемата напнатост на Корејскиот полуостров да и’ ја префрлат на Северна Кореја“ , коментираше севернокорејскиот весник „Родонг синмун“. „Тоа е само низок обид да се заштити нивниот господар - САД. Јапонскитe реакционери меѓутоа изгледаат задоволни поради очајничките напори на Америка да започне нуклеарна војна во Кореја, додека постојано имаат непријателска политика кон Демократска Народна Република Кореја. Уште еднаш ја предупредуваме да не ја следи слепо американската политика, зашто ќе мора скапо да го плати таквото неразумно однесување“, пишува весникот.

Сето ова меѓутоа Јапонците го чуле и порано. „Не се грижам премногу, бидејќи мислам оти нема да сторат нешто навистина глупаво“, вели Канако Упоко, која живее на 30-тина километри оддалеченост од американската база Јокосука. „Кога би сториле нешто сериозно, многу бргу ќе станат цел. Креваат толкава врева за да му покажат на светот дека се можни но тоа е многу невообичаен начин за да се стекне почитта на соседите“, вели Уоко.

„Игнорирајте ги“

„Всушност јас не се согласувам со тоа што владата распореди проектили ’Патриот’ во Токио, бидејќи тоа веројатно ќе ги израдува Севернокорејците. Ќе помислат дека не‘ уплашиле“, дополнува Уоко на крајот заклучување : „Треба само да ги игнорираме“.

Странците во Токио имаат слично мислење за режимот во Пјонгјанг. „Не сме вистински загрижени, зашто судејќи според се“ што чувме за нивната технологија, големо прашање е дали ракетите воопшто ќе се одлепат од земја, а не да погодат некоја цел која се наоѓа на илјадници милји оддалеченост“, вели Колин Шеј, британски бизнисмен кој живее во Токио со семејството. „Мислам дека едноставно ќе продолжат да креваат тензии бидејќи сакаат нешто од меѓународната заедница. Но ако ситуацијата стане насилна, сигурен сум дека Северна Кореја ќе биде уништена. Во тој случај малку кој таму би можел да каже дека не се самите виновни за тоа“, истакнува Шеј.