1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јапонски министри повторно во храмот Јасукуни

Двајца јапонски министри го посетија спорниот храм Јасукуни во Токио, во кој им се оддава почит и на воени злосторници. Соседните држави реагираа непосредно по тоа.

Сликата се повторува секоја година на 15. август, годишнината од капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна. Политичарите, пред сѐ од конзервативните редови по овој повод го посетуваат светилиштето Јусукуни во Токио, каде им се оддава почит на 2,5 милиони Јапонци, загинати во војната. Со овој споменик им се оддава почит и на 14 осудени воени злосторници.

Овојпат храмот го посетија министерот за внатрешни работи Јошитака Шиндо (на насловната фотографија) и членот на кабинетот Кеиџи Фуруја. Јапонскиот премиер Шинзо Абе, сепак, лично не се појави во храмот Јасукуни.

Посетите на политичарите во храмот Јасукуни постојано предизвикуваат негодувања во Кина, Тајван и на Кореанскиот Полуостров, кои беа жртви на јапонската воена агресија во Втората светска војна.

Кина, која има недоразбирања со Токио околу суверенитетот врз трите мали острова во Јужното Кинеско Море кои јапонската влада ги откупи од приватен сопственик, „остро го осуди“ доаѓањето на јапонските министри во храмот Јасукуни и соопшти дека „таквите аџилаци ги навредуваат чувствата на народите на Кина и на другите азиски земји жртви на Јапонија“. Новинската агенција Ксинхуа ја обвини јапонската влада, дека со вознемирувачкото вртење кон десно „отишла предалеку“. Соседите на Јапонија стравувале од „опасно заживување на нејзиното воено минато“.