1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јапонски атомски надзорници примале мито

Во Јапонија се појавија сомнежи во независноста на некои членови на Комисијата за надледување на безбедноста на нуклеарните централи.

18 месеци по нуклеарната катастрофа во јапонската атомска централа Фукушима 1, во фокусот на јавноста се информациите дека четворица членови на владината Комисија за надзор на атомските централи примале мито од енергетските концерни и од индустријата за нуклеарна енергија. Ова го соопшти Регулаторната агенција за атомска енергија на Јапонија.

Така официјално се наведува дека професорот Акио Јамамото од Универзитетот Нагоја во изминатите години добил 263 илјади евра за истражувачка работа за нуклеарните реактори. Околу една четвртина од парите му биле исплатени од страна на сестринска компанија на концернот кој управуваше со хаварисаната атомска централа Фукушима 1. Тројца други атомски надзорници добиле пари од индустријата за нуклеарна енергија. Комисијата за утврдување на безбедносните стандарди на атомските централи во Јапонија беше формирана дури годинава, со цел на надзорот на реакторите да му се даде поголема независност и веродостојност.