1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јапонскиот премиер - непожелна личност во Кина

Односите меѓу Јапонија и Кина дополнително се заоструваат. Поради посетата на јапонскиот премиер на оспорениот воен храм Јасукуни, Шинзо Абе е прогласен за непожелна личност во Кина.

„Кинескиот народ нема да му изрази добредојде на ваков јапонски лидер, а кинеските раководители нема да се сретнат со него“, изјави портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Чин Ганг денеска (30.12.2013).

Како прв јапонски премиер по 2006. година десноконзервативниот Шинзо Абе минатиот четврток беше на молитва во светилиштето Јасукуни. Храмот Јасукуни е посветен на загинатите во десет јапонски војни, а меѓу нив се илјадници осудени воени злосторници од Втората светска војна. Многу Јужнокорејци храмот ги потсетува на јапонската брутална окупација на Корејскиот полуостров од 1910. до 1945. година.

Официјален Пекинг на посетата на светилиштето гледа како на глорификација на јапонската „милитаристичка агресија“ од минатото. Кинеските власти сметаат дека „суштината на посетата на јапонските лидери на храмот Јасукуни е разубавување на историјата на јапонската милитаристичка агресија и колонијално владеење“.

Кинеското МНР ја повика Јапонија да се држи до своите ветувања во однос на времето од воената агресија врз земјата и гестот на Абе го оцени како апсолутно неприфатлив. Со откажувањето гостопримство на Абе, Пекинг дополнително ја заострува својата реакција.

Односите меѓу Токио и Пекинг се веќе отежнати поради територијалните спорови во врска со група ненаселени острови. Кина воведе т.н. одбранбена зона за летови во воздушниот простор над островите, барајќи странските авиони да го најавуваат своето прелетување и да се придржуваат кон укажувањата на кинеската воена авијација. И Кина и Јапонија имаат претензии кон острвите Диаоју на кинески или Сенкаку на јапонски, кои практично се под јапонска управа. Бидејќи Токио не ја признава кинеската „безбедносна идентификациона зона“ постои опасност од воени инциденти или несреќи во воздушниот сообраќај.