1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јапонија се потсетува на Хирошима

Во јапонскиот град Хирошима 6. август е во знак на сеќавање на жртвите на атомската бомба фрлена врз градот во 1945 година. Градоначалникот Казуми Мацуи побара светот да се откаже од атомско оружје.

Десетици илјади луѓе се собраа денеска во Хирошима за да се потсетат на жртвите. Десно-конзервативниот премиер Шинзо Абе на комеморацијата по тој повод вети дека земјата ќе останена своите принципи - да не произведува, да не поседува и да не чува атомско оружје на своја територија.

Точно во 8 часот и 15 минути по локално време, во времето кога пред 68 години а,ериканскиот бомбардер ја фрли првата нуклеарна бомба врз јапонскиот град, граѓаните застанаа мирно - минута молк. Три дена подоцна, на 9 август 1945 година, Американците ја фрлија и втората бомба, врз Нагасаки. Десетици илјади луѓе умреа веднаш, бројот жртви во Хирошима и Нагасаки до крајот на таа 1945 година беше над 200 илјади. Со години подоцна луѓето умираат од последиците на озрачувањето. Употребата на атомски бомби за последица имаше капитулација на Јапонија во Втората светска војна на почетокот на септември 1945 година.

Годинешната манифестација во Јапонија се одржува во време кога владата на премиерот Абе повторно се свртува кон нуклеарките како извор за енергија и заговара ревизија на пацифистичкиот повоен устав на земјата. По земјотресот и цунамито пред двеипол години, кои предизвикаа тешка хаварија во атомската централа Фукушима, Јапонија ја запре работата на сите 50 нуклеарки. Во 2012 година повторно се активирани две нуклеарки. Пред нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија околу 30 проценти од електричната енергија произведуваше од атомски централи.

Владејачките либералдемократи планираат т.н. јапонски одбранбени сили да ги трансформираат во нормална армија. Но, за тоа е потребна промена на пацифистичкиот устав, октроиран од САД по крајот на војната.