1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јапонија нема да ѝ попушти на Кина

Јапонскиот премиер Абе најави - Јапонија нема да остане пасивна во спорот со Кина околу островска група. Токио распореди борбени авиони по прелет на четири кинески авиони над меѓународните води околу архипелагот Окинава.

Јапонските медиуми јавуваат дека Јапонија распореди борбени авиони како одговор на летовите на четири кинески воени летала над меѓународните води околу архипелагот Окинава, во близина на минијатурниот архипелаг околу кој се спорат Пекинг и Токио. Авионите биле распоредени во петокот и во саботата, откако кинеските авиони летале меѓу главниот остров на архипелагот Окинава и острово Мијако. Кинеските авиони летале меѓу Источното Кинеско Море и Тихиот Океан, во двата правца, но не навлегле во јапонскиот територијален простор. Јапонското министерство за одбрана останало недостапно за агенциите за проверка на информациите.

Вчера во интервју за американскиот весник „Вол стрит журнал“ премиерот Шинзо Абе рече дека Јапонија е подготвена да се спротистави на Кина доколку одлучи со сила да ги брани своите интереси, сметајќи дека Кина се обидува да ја наруши рамнотежата во влијанијата во регионот.

Токио, исто така, има намера да организира во ноември големи воени вежби на своите воздушни и морнарички сили со цел да ги зајакне нивните способности, а многу аналитичари сметаат и за да му ги демонстрира на Пекинг јапонските одбранбени капацитети.

Јапонскиот остров Мијако е 201 километри оддалечен од главниот архипелаг кој јапонската страна го нарекува Сенкаку додека кинеската Дјаојујидао во Источното Кинеско Море, кој е во центарот на територијалниот спор меѓу двете земји. Кинеските власти во овие води редовно испраќаат свои бродови, а во последно време и авиони, особено откако Јапонија во септември од приватните сопственици откупи три од пет острови на овој ненаселен архипелаг.

Територијалниот спор кој дотогаш тлееше, одеднаш ескалираше со масовни антијапонски протести во Кина, бојкот на јапонските производи и привремено затворање на кинеските погони на производителите од Јапонија. Владата во Токио најави формирање специјални сили од 600 припадници и 12 бродови за надзор и заштита на архипелагот.

Архипелагот се наоѓа 200 километри североисточно од Тајван, кој исто така објави дека полага територијални права врз него, и 400 километри западно од јапонскиот остров Окинава, на југ од Јапонија. Петте острови Сенкаку (Дјаојујидао) претставуваат спорна територија меѓу Јапонија и Кина. Токио и Пекинг не можат да ја одредат насоката на границата меѓу ексклузивните економски зони околу островите. Јапонија инсистира на исцртување на линијата на поделба во средината на водното пространство, додека Кина бара линијата на раздвојувањето да се помести поблиску до јапонскиот брег. Јапонија тврди дека островите се нејзина територија од 1895. година, додека во Пекинг потсетуваат дека на јапонските географски мапи од 1783. и 1785. година островите Дјаојујидао се означени како кинеска територија.

По Втората светска војна островите биле под контрола на САД ѝ биле предадени на Јапонија во 1972. година. На Тајван и во континентална Кина сметаат дека Јапонија ги поседува островите незаконски. Јапонија, од своја страна, тврди дека Кина и Тајван почнале да претендираат на островите во 1970-те години, кога станало јасно дека во оваа област, освен што е стратешки важна поради поморските рути, е богата и со ресурси од многу минерали и енергетски извори.

Спорот околу сопственоста на островите кулминираше во 2012 година, кога во август активисти до двете земји се истоварија на островите, што имаше силна поддршка и од граѓаните од двете страни. Досега конфликтот беше надминуван по дипломатски пат.