1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јапонија им оддава почит на жртвите од Фукушима

Две години по тројната катастрофа која ја погоди Јапонија, повеќе од 300 илјади луѓе се‘ уште не можат да се вратат во своите домови, а санацијата на проблематичните реактори ќе трае со децении.

Јапонија денеска (11.03) им оддава почит на жртвите во најголемата катастрофа во земјата од Втората светска војна. На 11 март 2011 година, најпрво земјотрес, а потоа цунами и нуклеарна криза ја зафатија земјата и притоа речиси 19 илјади луѓе ги загубија животите, а повеќе од 300 илјади луѓе останаа заглавени при обидот да избегаат од катастрофата и до денес и натаму не можат да се вратат во своите домови.

Илјадници луѓе им оддадоа почит на жртвите на серија церемонии одржани во Токио и во градовите зафатени од катастрофата покрај североисточниот брег на земјата.

Земјотресот со јачина од 9 степени ја погоди Јапонија во 2 часот и 46 минути по локално време и предизвика цунами бранови кои достигнуваа висина и до 30 метри кои уништија речиси се’ на брегот.

Бранови со височина од 13 метри ја погодија и нуклеарната централа Тепко, северно од Токио, уништувајќи ги напојувањето со струја и резервните генератори и онеспособувајќи го системот за ладење. Три реактори се стопија во најголемата светска нуклеарна катастрофа по Чернобил.

Тројната несреќа ја шокираше нацијата која се сметаше за подготвена за катастрофи и беше убедувана да верува дека нуклеарната енергија, која обезбедуваше околу 30 проценти од електричната енергија на островот во тоа време, е чиста, сигурна и евтина. Група експерти именувани од парламентот да ја истражат нуклеарната криза заклучија дека катастрофата била предизвикана од човечки фактор, како резултат на „таен договор“ меѓу владата, регулаторите и операторот на централата.

Жртвите бараат обесштетување

Две години подоцна, обновата на североистокот, регион кој и онака страда поради остареното население и локалната индустрија која е во криза, не оди

според планот. Околу 300 илјади луѓе се уште живеаат во привремени живеалишта.

Централата Фукушима во меѓувреме е стабилизирана, а нејзината состојба се нарекува „ладно исклучување“, но за целосно затворање на оштетените реактори ќе бидат потребни децении и милијарди евра. Многумина од 160-те илјади луѓе кои избегаа од тој регион никогаш нема да можат да се вратат во своите домови.

Група од 800 луѓе денеска поднесоа тужба против операторот на централата Тепко. Тие бараат извинување и исплата на 625 долари месечни за секоја жртва на катастрофата се’ додека не биде отстранета сета радијација која ја предизвика катастрофата.

Владата на премиерот Шинзо Абе, по преземањето на должноста во декември минатата година, го зголеми буџетот за реконструкција на регионот на 260 милијарди долари.