1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јанукович помилува близок соработник на Тимошенко

Украинскиот претседател го помилува поранешниот министер за надворешни работи и опозициски политичар Луценко. Актот на помилување се толкува како обид за повторно затоплување на односите на Украина со ЕУ.

Како што соопшти кабинетот на украинскиот претседател, Виктор Јанукович (на фотографијата) потпишал указ со кој помилува шестмина осуденци, меѓу кои и поранешниот министер за внатрешни работи на Украина, Јуриј Луценко, кој е осуден за злоупотреби на службената должност и овластувања.

Помилувањата доаѓаат неочекувано. Луценко беше приведен во 2010 година врз основа на обвинение кои го товареше за злоупотреба на функцијата и овластувањата заради присвојување државен имот. Во февруари 2012 година тој беше осуден на четири години затвор и забрана за извршување на раководни функции во државната администрација.

Покрај Луценко, со указот на Јанукович е помилуван и поранешниот министер за животна средина Георгиј Филипчук, кој лани во април беше осуден на три години затвор поради оштетување на државата при склучување договор со една правна фирма.

Кабинетот на Јанукович соопшти дека помилувањата се во рамките на напорите на украинските власти „да го направат законодавството похумано и да се намали бројот на затвореници“.

Украинските медиуми објавија дека веднаш по објавувањето на Указот, Луценко и Филипчук биле пуштени од затвор.

Луценко и Филипчук се соработници на поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко, која исто така се наоѓа во затвор, но таа не е меѓу денеска помилуваните затвореници. Западот ги критикуваше пред се‘ пресудите против Тимошенко и Луценко за политички мотивирани. Луценко, како што тврди неговото семејство, имал големи здравствени проблеми засилени од престојот во затворот. Ополномоштеникот на киевскиот парламент за човекови права доставил барање за помилување на Луценко од здравствени причини.

Потегот на Јанукович се толкува како обид Украина да ги подобри односите со ЕУ. Брисел постојано го истакнуваше ослободувањето на екс-премиерката Јулија Тимошенко од затвор како услов за приближување со Киев. Во случајот со Тимошенко, шефот на украинската држава Јанукович и натаму останува непопустлив. Коментаторите во Киев не очекуваат промена на неговиот став во овој случај.