1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Јанкулоска: Трагата за Телеком води до СДСМ

Трагата на парите во случајот со корупција во Македонски Телеком водат кон политичари од СДСМ, тврди македонската министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

default

Гордана Јанкулоска, министер за внатрешни работи на РМ

Трагата на парите во случајот со корупција во Македонски телеком, за кој МВР поднесе кривични пријави во 2008 година, водат кон политичари од СДСМ, кој во 2005-2006 година ја предводеше тогашната власт, изјави македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

„Нашиот народ мудро рекол - кој си ја има мувата на капата ја брка. Беше прилично јасно кога американските власти излегоа со наодите по однос на тој конкретен случај, кој за волја на вистината, беше случај кој кај нас беше разгледуван и процесуиран уште на крајот на 2008 година, каде што се вели дека функционери од актуелната тогашна власт во 2005-2006 година се сомничат за незаконско однесување во врска со конкуренцијата на пазарот на телекомуникациски услуги. Така што, мислам дека многу едноставно е да се заклучи кој во тоа време бил власт, кој ја носел одговорноста за носењето, или во конкретниов случај за неносењето на соодветни одлуки, кои влијаеле на пазарот во Република Македонија и во другите држави кои се предмет на истрагата“, рече Јанкулоска за телевизија Сител.

Според министерката, „овој предмет треба да добие судска завршница за целата јавност конечно да може и да донесе сопствена оценка“ за него.

Запрашана дали МВР има информација каде се наоѓа Атила Сендреј и другите осомничени, Јанкулоска подвлече дека тие се единствените лица кои би можеле да дадат релевантна информација - зошто парите биле префрлени на странски сметки, која била нивната намена и кој бил нивниот краен примач.

„Ние може да ја следиме германската трага односно трагата на парите додека тие се движеле низ законскиот систем до сметките на Кипар. Што се случило во моментот кога тие биле подигнати од сметки на Кипар би можело да кажат лицата кои се опфатени со кривичната пријава поднесена токму од МВР уште во 2008 година. Јас знам дека и Обвинителството има преземено одредени активности по однос на оваа пријава и во повеќе наврати беше информирано за тоа. Верувам дека ќе се најде начин овие лица да дадат изјави што понатаму ќе ја олесни истрагата во смисла на откривање на крајниот примач на парите кои евидентно излегле од сметки од Македонија и завршиле на некои други сметки. Јас не би сакала да шпекулирам, меѓутоа очигледно американските власти се сомневаат дека завршиле на сметките на актуелни функционери во тоа време од владејачката коалиција“ посочи Јанкулоска.

Кој ја има мувата на капата?

Опозициската СДСM вчера ( 20.01) ги повика надлежните државни институции веднаш и без понатамошно одлагање да започнат со расветлување на

SDSM Gebäude in Mazedonien

Седиштето на СДСМ

корупцискиот скандал со “Дојче Телеком“ и “Маџар Телеком“. Според СДСМ, Јавното обвинителство од декември, минатата година, кога беше обелоденета одлуката на американските надлежни органи, наместо да реагира, тврди дека обработувањето на доказите, изведени од американските надлежни

институции, „ќе било зијан затоа што тие не се признавале како докази во Македонија“.

„Оваа сомнителна ’тишина’ кај Владата, а особено кај ВМРО ДПМНЕ, покажува дека тие се мачат нешто да сокријат. Никола Груевски и онака си ја има мувата на капата, бидејќи како министер за финансии во Владата на Љубчо Георгиевски ја аминуваше приватизацијата на Македонскиот Телеком. Тој не може да избега ни од аферата со партиската фирма ’Аналитико’ која временски се поклопува со периодот јуни 2006 година, за кој американските институции

воделе истрага и донесле одлука. Уште повеќе затоа што во аферата ’Аналитико’ се вмешани највисоки актуелни функционери на ВМРО ДПМНЕ во извршната власт“, изјави потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев.

Тој рече дека ставот на СДСМ за овој случај е јасен и прецизен и дека без разлика дали се работи за функционери на СДСМ, ДУИ или ВМРО ДПМНЕ, правдата мора да биде задоволена.

Автор: ЕМФ/миа/макфас

Редактор: А. Методијев