1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанкулоска и Јанакиески први патници во „Титаник“ на Јанева

Б. Георгиевски12 февруари 2016

СЈО денеска излезе со први информации од истрагата за повеќе сторени кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Поранешни министри и државни функционери се осомичени за повеќе кривични дела.

https://p.dw.com/p/1HuKN
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешните министри за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, транспорт и врски, Миле Јанакиески, генералниот секретар на владата и други, засега непознати лица, се осомничени како сторители на кривични дела против изборите и гласањето. Ова е првиот случај за кој Специјалното обвинителство (СЈО) на Катица Јанева покрена истражна постапка, а се води под името „Титаник“. Покренати се обвиненија и против пет судии од Управиот суд како и против 4 членови на ДИК од 2013 година.

За осум лица утрово е побаран притвор, едно лице е веќе предадено на истражен судија, но од СЈО, почитувајќи ја презумпцијата на невиност, не кажуваат кои лица се опфатени со барањето за притвор.

„Во 2012 осомничените во својство на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и секретар на влада заедно со други засега непознати лица, заради опстојување на власт на партијата и заради нивни непосредни привилегии создале група која имала за цел вршење кривични дела против изборите“, соопшти на прес-конференција обвинителката Фатиме Фетаи.

За делата за кои се осомничени овие лица предвидена е минимална казна затвор од 3 години.

„Врз основа на прислушуваните разговори СЈО воспостави надлежност врз повеќе предмети. Еден од нив е предметот Титаник, под реден број 1. Тоа е сосема случајно, иако според нас се работи за втор по важност предмет веднаш зад прислушувањето, сепак кривичните дела против изборите и гласањето и легитиметот добиен со такви избори е почеток на криминализација на целокупниот институционален систем“, рече обвинителката Фетаи.

Mazedonien Anklage der Sonderstaatsanwältin Katica Janeva
Специјалната обвинителка Катица ЈаневаФотографија: DW/P. Stojanovski

Обвинителството смета дека осомничените создале група која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето, со криминализација на изборниот процес со цел освојување на власта.

Покрената е истражна постапка против повеќе лица кои се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачко право, повреда на слобода на определување на избирачи, поткуп, унуиштување на изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања.

Во Специјалното обвинителство утврдиле дека од МВР за таа намена биле издадени 15 илјади нови матични броеви, 35 илјади лични карти кои не се подигнати од барателите, и прифатени се повеќе од 60 илјади нови државјани. Фетаи најави дека за „за улогата на дијаспората и конзуларните претставништва ќе се отвори посебен предмет“.