1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Јанкулоска: враќањето на визите е погрешен чекор

Македонската министерка за внатрешни работи вели дека во земјата се преземаат сите мерки и неселективно се гонат оние кои организираат патувања или лажно им ветуваат азил на граѓаните.

Правиме максимални напори да се справиме со големиот број лажни азиланти, порача македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Таа смета дека би било погрешно доколку дојде до повторно враќање на визите за земјите од регионот, оценувајќи дека визната либерализација е највидливата придобивка од европската интеграција.

„Ние како надлежни институции и МВР и сите други институции правиме максимални напори да одговориме условно речено на ткн азилантски бран, односно да се справиме со големиот број на нелегални, лажни азиланти. Сите овие активности ги правиме во координација и сме во контакт со државите кои се најмногу загрозени. Сепак свесни сме дека прашањето за механизмите за контролирање на зголемените азилантски бранови, не само за земјите од западен Балкан, туку генерално за сите од светот е легитимно прашање за кое земјите членки на ЕУ треба да разговараат. Лично сметам дека би била погрешна одлуката против било која од земјите кои добија визна либерализација, да се превзема таков радикален чекор бидејќи дефинитивно визната либерализација е најголемата придобивка за граѓаните на Македонија од процесот на европски интеграции“, рече Јанкулоска.

Таа им порача на лажните азиланти дека шансите за добивање азил во земјите на Унијата се речиси сведени на нула, а предупреди и за последиците со кои би се соочиле по враќањето во земјата.

„Ние сме максимално посветени за справување со овој проблем и во оваа прилика сакам да потенцирам дека барателите на азил од Македонија спаѓаат во групата на лица кои е сосема извесно дека нема да добијат азил во западноевропските земји. Тоа значи дека неминовно порано или подоцна тие ќе бидат депортирани во Македонија, каде ќе се соочат со последиците, односно ќе ја изгубат социјалната помош, ако земале, и со евентуални санкции во земјата каде што барале азил. Ние реализиравме повеќе случаи каде наша цел беше разоткривање на организаторите или оние лица кои на барателите на азил лажно им ветувале азил. Продолжуваме со таквите активности, неселективно“, изјави Јанкулоска.