1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Јаневски на чело на македонската репрезентација

Чедомир Јаневски, во третиот обид, конечно ја доби довербата на водечките луѓе во македонскиот фудбал за да седне на клупата на репрезентацијата. Дебито ќе го има на 7. септември против Хрватска.

default

Еден од членовите на славната генерација фудбалери на Вардар, Чедомир Јаневски, ќе биде новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација. Фудбалската федерација на Македонија за денеска (22.08) свика прес-конференција на која треба официјално да го промовира наследникот на Џон Тошак, со кого деновиве беше прекинат договорот. Јаневски (51) ќе дебитира на клупата на македонскиот национален тим на 7. септември во Загреб против Хрватска во првиот натпревар од квалификациите за наредниот Мундијал.

Како фудбалер Јаневски има настапувано за Скопје, Вардар, Бриж, Шарлроа, Истанбулспор и Локерен. Во  дресот на македонската репрезентација има пет настапи, а има и два настапи за репрезентацијата на некогашна Југославија. Јаневски има богато интернационално тренерско искуство. Најдолго се задржа во белгиски Бриж, каде започна како тренер во младинскиот тим на Бриж, по што работеше и како асистент, а беше на чело и на првиот состав на белгискиот прволигаш. Седел на клупата на Црвена Звезда и кипарските клубови Енозис и Етникос Ахна. Јаневски, кој и за време на мандатот на претходното раководство на ФФМ во два наврати беше кандидат за селектор, ќе има тешка задача да го поврати разнишаното реноме на репрезентацијата, која се најде на 102. место на листа на ФИФА.