1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Јаневски и Пандев очекуваат победа против Хрватска

Фудбалската репрезентација на Македонија во понеделникот ги започна подготовките за квалификациските натпревари со Хрватска и Србија, кои на 12 и 16. октомври ќе се одиграат во Скопје.

default

Предводникот на националниот тим Чедомир Јаневски на прес конференцијата потенцира дека со добрите игри во септемврискиот циклус (Хрватска и Шкотска) е вратена самодовербата, а дополнителен мотив на неговите избраници ќе им биде и полниот стадион.

„Играчите со првите две средби направија добра атмосфера, полниот стадион ќе биде обврска повеќе да направиме добар резултат. Целта ќе биде да ја повториме играта која ја прикажавме на првите две средби да освоиме повеќе бодови“, рече Јаневски.

Селекторот е задоволен од поволниот здравствен билтен и се надева дека во петок на противникот ќе може да му се спротивстави со најсилниот состав.

Македонија нема да менува ништо во однос на дуелите кои ги одигра во Загреб и Глазгов, формациски тоа би значело 4-2-3-1. Со иста формација Хрватска го одигра првото полувреме во Загреб, но потоа Штимац ја смени таа варијанта во 4-4-2. Со иста формација, но нешто подефанзивно Хрватска делуваше на мечот со Белгија.

„Вториот меч го одиграа во 4-4-2, но со засилена десната страна каде одиграа со два бека, Срна играше понапред. Но, тактички тие им ја препуштија топката на Белгијците, играа повлечено на средината од теренот, фактички направија два ѕида со по четворица играчи на средината. Ние нема да се базираме на тоа како ќе игра Хрватска, за мене е најважно како ќе одиграме ние. Треба да имаме добра организација, да знаеме што сакаме кога е топката кај нас и во мислите да ни биде тоа дека противникот ќе ни дозволи да направиме шанси,

Cedomir Janevski neuer Trainer Mazedonien

Чедомир Јаневски

кои ќе треба да ги искористиме доколку сакаме да постигнеме добар резултат“, вели Јаневски.

Пандев: Хрватска ќе нападне

Капитенот на репрезентацијата, Горан Пандев, смета дека Хрватска ќе биде таа која ќе нападне.

„Очекувам тие да нападнат, но ќе влезат со поголема концентрација, бидејќи на првиот меч им покажавме дека можеме да се носиме со нив. Не треба да не понесе публиката и да тргнеме напред по секоја цена да постигнеме гол. Доколку одиграме како што игравме во Загреб можеме да ги изненадиме. Хрватска е фаворит не само против нас туку и во групата, несреќно загубивме на првиот меч во Загреб, но сега се надевам дека среќата ќе не послужи и дека ќе можеме да извлечеме поволен резултат“, рече Пандев.

Според селекторот, со играчите во следните неколку денови најповеќе ќе работи на реализација на нападите. Посакува да освои повеќе бодови отколку што тоа го стори на првите две средби, па макар тоа било и со послаба игра.

„Би сакал да одиграме послабо, но да освоиме повеќе бодови“.

Натпреварот Македонија-Хрватска ќе се одигра на арената „Филип Втори“ во петок со почеток во 20:30 часот.