1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Јакимовски најави влез во парламентот

Основачот на новата политичка партија Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), Стевчо Јакимовски, најави дека до пролет, кога очекува предвремени парламентарни избори, неговата партија ќе биде парламентарна.

Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски ја промовираше својата нова партија Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), најавувајќи дека целта е не да се биде опозиција, туку власт: „Догодина на пролет ГРОМ ќе стане парламентарна партија“, изјави Јакимовски.

Тој ја најави својата партија како партија која целата енергија ќе ја насочи кон градење на социјално општество, правна држава, задржување на младите во државата, нудење на поволности за бизнисмените, отворање на нови работни места.

„Немаме намера никого да растураме, ниту некого да донесеме на власт", порача Јакимовски, најавувајќи основачко собрание за три месеци и порачувајќи дека единствена цел на ГРОМ е да биде партија на власта, што, според него, вели ќе се случи по следните предвремени парламнетарни избори во март 2014-та.

Стевчо Јакимовски до локалните избори беше член на СДСМ, но беше исклучен бидејќи не ја почитуваше одлуката на партијата за бојкот на изборите. На локалните избори настапи како кандидат на Српската напредна страна. Јакимовски го започна политичкиот ангажман во Либерално-демократската партија. Во 2003 година беше министер за економија, а во 2004/2005 го водеше и Министерството за труд и социјална политика.

Освен Јакимовски, дел од ГРОМ се независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Виктор Цветкоски, кој исто така беше исклучен од СДСМ, поранешниот пратеник Кире Гештаковски, политичкиот аналитичар Сашо Клековски, поранешниот претседател на општинската организација на СДСМ во Кисела Вода, Чедомир Саздовски, како и поранешниот претседател на СРД Томе Грујовски.